Општина Центар информира дека во текот на вчерашниот и денешниот ден, инспекциските служби на Општината, во координација со Министерството за внатрешни работи, Државниот градежен инспекторат и стручните служби од Секторот за урбанизам, постапуваа на терен по инцидентот на булеварот „Теодосиј Гологанов”, во близина на Католичката црква, каде е евидентирано свлечиште и оштетување на јавна површина и инфраструктура во непосредна близина на градежен зафат.
При извршениот увид, констатирани се оштетувања на коловозот, тротоарската површина, канализационата мрежа и уличното осветлување, како и низа неправилности во однос на изведбата на објектот. Инспекциските служби утврдија дека постои свлечиште на земјиштето, по што веднаш се изречени најстроги законски казни и санкции согласно Законот за комунални дејности, поради непочитување на законските обврски и предизвикување штета врз јавната инфраструктура.
Паралелно со инспекцискиот надзор, екипи на Општина Центар презедоа итни мерки за обезбедување на локацијата. Поставени се сигурносни појаси и предупредувачки ленти со цел заштита на граѓаните и безбедно движење во непосредна близина на оштетениот простор, особено имајќи предвид дека градилиштето се наоѓа во непосредна близина на станбени објекти.
Во текот на денешниот ден, на терен беше повикан и државен градежен инспектор, кој заедно со стручните служби на Општина Центар констатираше дополнителни неправилности поврзани со изведбата на градежните активности. Истовремено, Општина Центар контактираше професори од Градежниот факултет и побара стручна експертиза и мислење за настанатата состојба и можните ризици.
Во врска со случајот, од страна на Општина Центар до Основното јавно обвинителство е доставено официјално известување со цел понатамошно постапување во рамки на нивните надлежности.
Дополнително, од страна на градежниот инспектор на Општина Центар ќе биде побарано одземање на лиценците на одговорните лица вклучени во изградбата, а Општина Центар ќе побара и утврдување одговорност од надзорот и изведувачот на објектот поради несоодветно и несовесно постапување, согласно законските прописи. За случајот ќе следуваат и соодветни пријави и постапки пред сите надлежни институции.
Општина Центар нема да толерира несовесно и неодговорно постапување од страна на инвеститори, особено кога се загрозува безбедноста на граѓаните и се оштетува јавниот простор. Инвеститорот е задолжен итно да го обезбеди просторот,, да преземе мерки за санација врз основа на експертизата од Градежниот Факултет и целосно да ја врати оштетената инфраструктура во првобитна состојба.
Општина Центар останува на терен и будно ќе го следи случајот сè до целосно отстранување на последиците и обезбедување на безбедноста на граѓаните.
Следете не, не има насекаде
