Заменик министерот за финансии Николче Јанкуловски упати остар одговор до пратеникот на СДСМ Фатмир Битиќи, обвинувајќи ја поранешната власт за двојно зголемување на јавниот долг и слаб економски раст, додека актуелната Влада, како што рече, обезбедува стабилност и економски напредок.
Јанкуловски истакна дека Владата била подготвена за дебата во Комисијата за финансирање и буџет, но, според него, опозицијата ја бојкотирала седницата.
„Минатата недела министерката беше тука и беше подготвена да присуствува на седницата, но како претседател на Управниот одбор на ЦЕФ имаше и обврска сериозно да се подготви за настанот што на 22 јули ќе се одржи во Скопје. Наместо конструктивна дебата, вие избравте бојкот на Комисијата“, рече Јанкуловски.
Тој нагласи дека задолжувањето од 260 милиони евра е во рамки на предвиденото со Буџетот за 2026 година и дека постапката за обезбедување средства била целосно транспарентна.
„Беа доставени осум понуди, од кои беше избрана најповолната – со најдобри услови и најрелевантни пазарни параметри во тој момент“, изјави заменик министерот.
Јанкуловски потсети дека минатата година била отплатена еврообврзница од 500 милиони евра, а годинава доспева еврообврзница од 700 милиони евра, од која, како што рече, половина веќе е сервисирана.
Според него, Владата наследила обврски од околу 9 милијарди евра по основ на главнина и камати, кои треба да се сервисираат во периодот од 2026 до 2031 година.
„Во 2017 година јавниот долг изнесуваше 4,78 милијарди евра, а до вториот квартал од 2024 година достигна 8,87 милијарди евра – речиси двојно зголемување во периодот кога вие бевте дел од власта“, му порача Јанкуловски на Битиќи.
Тој додаде дека актуелната Влада обезбедува просечен економски раст од околу 3,5 проценти во последните шест квартали, што, според него, е доказ дека економијата се движи во позитивна насока.
„За разлика од вашето владеење, нашето покажа економски раст над 3,5 проценти во последните шест квартали, а вие од 2017 до четвртиот квартал од 2024 година двојно го зголемивте јавниот долг, а на граѓаните им понудивте економски раст од минорни 1,9 проценти“, истакна заменик министерот.
Јанкуловски нагласи дека дел од обезбедените средства се насочуваат кон проекти во општините и поддршка на економијата, оценувајќи дека Владата има внимателен и одговорен пристап во управувањето со јавните финансии.
„Веќе е време да си најдете друга тема за да бидете интересни на телевизиските екрани“, му порача Јанкуловски на пратеникот од СДСМ. објавува Журнал.мк
The post Заменик министерот за финансии Јанкуловски до Битиќи: Економските политики на СДСМ донесоа повеќе долг отколку раст appeared first on info.mk.
Следете не, не има насекаде
