ноември 23, 2024

Со оглед на тоа дека нутриционистите советуваат дека исхраната треба да се состои од здрава и свежа храна и дека треба да се избегнува преработена храна, имаме впечаток дека конзервираната храна не е најдобар избор. Сепак, некои експерти тврдат дека тоа не мора да е секогаш точно.

Забуната се јавува затоа што „обработено“ е вообичаен термин, но има различни степени на обработка, вели Ејми Китинг, нутриционист во Consumer Reports. Некои преработени намирници всушност можат да помогнат во здравата исхрана.

„Ултраобработената храна (како бел леб, деликатесно месо и зашеќерени пијалоци) содржи многу рафинирано брашно, додаден шеќер, сол и состојки со кои вообичаено не би готвеле дома, како што се засилувачи на вкус, бои, емулгатори и други адитиви“, објаснува Фанг Фанг Џанг, вонреден професор по нутриционистичка епидемиологија на Фридман школата за нутриционистичка наука и политика на Универзитетот Тафтс во Бостон.
„Сѐ поголем број на студии покажуваат поврзаност помеѓу ултраобработената храна и ризикот од дебелина, хипертензија, кардиоваскуларни болести и некои видови рак“, рече таа. Имајќи го тоа на ум, еве неколку видови конзервирана и однапред подготвена храна кои се добри за јадење, пишува The Washington Post.

Конзервирана риба
Конзервирана (или пакувана) риба како туна, лосос и сардини се достапен извор на протеини и есенцијални омега-3 масни киселини.
Супа од конзерва или кесичка
Претходно подготвените супи можат да бидат пригоден начин за внесување зеленчук. Изберете супи од зеленчук и проверете ја количината на додадена сол.

Однапред варени житарки
Конзумирањето повеќе цели зрна – како кафеав ориз, див ориз, киноа, просо и јачмен – го поддржува дигестивното здравје и помага да се контролира воспалението, кои се фактори за дијабетес тип 2, срцеви заболувања и некои видови на рак. Готвењето цели зрна не е тешко, но може да потрае еден час или подолго.
Во декларациите треба да се обрне внимание на тоа дали интегралните житарки се првата наведена состојка, а производот треба да има малку или без додадена сол, шеќер и адитиви.

Конзервиран зеленчук, легуми
Мешунките, како грашок и грав, како и пченка, леќа, наут и слично, кои често може да се најдат конзервирани и подготвени за јадење, се одличен извор на растителни протеини и влакна. Купувањето конзервиран грав, на пример, значително заштедува време во кујната.
Одбегнувајте го конзервираното овошје со додаден шеќер, како и преработеното месо во конзерва, како нарезок, паштети и конзервирани готвени јадења, бидејќи содржат многу додадени шеќери, сол и конзерванси.

Следете не, не има насекаде

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

mk_MK
mk_MK