Турскиот министер за одбрана Хулуси Акар изјави дека 25.067 припадници на турските вооружени сили се распоредени во подрачјата погодени од земјотресите на југот на Турција, јавува Анадолија.
Акар истакна дека 63 авиони, преку коридорот за воздушна помош, во регионот превезле 9.780 експерти и 625 тони опрема.
Тој додаде дека припадниците на турските сили придонесуваат во операциите за пребарување и спасување и во обезбедувањето медицинска помош.
-За краток временски период воспоставивме коридор за воздушна помош, рече Акар.
Во меѓувреме, турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган денеска соопшти дека бројот на загинати во Турција се искачи на 21.043 лица.
Ердоган најави дека ќе преземе конкретни чекори за да започне со обнова на градовите во тешко погодениот југоисточен регион за неколку недели, велејќи дека стотици илјади згради се уништени во јужна Турција.
Ердоган ги осуди оние кои ограбувале или извршиле други злосторства во подрачјата погодени од земјотресот и најави најстроги казни.
Два разорни земјотреси со јачина од 7,7 и 7,6 степени според Рихтеровата скала ги погодија во понеделникот јужните делови на Турција со епицентар во Кахраманмарас, а бројни спасувачки тимови се уште ревносно работат на пребарување и спасување на луѓето затрупани во урнатините на зградите.
Денеска спасувачките екипи во пограничниот град Нурдаг во турската провинција Газиантеп извлекоа на безбедно петчлено семејство кое преживеа пет дена по катастрофалниот земјотрес, затрупано во урнатините на нивниот дом.
Спасувачите прво ги извлекле мајката и ќерката Хава и Фатмагул Аслан од купот урнатини, а кога стигнале до таткото на семејството, Хасан Аслан, тој инсистирал прво да бидат спасени неговата втора ќерка Зејнеп и синот Салтик.