<!–/*
* The backup image section of this tag has been generated for use on a
* non-SSL page. If this tag is to be placed on an SSL page, change the
* 'http://ads.365.mk/www/delivery/…'
* to
* 'https://ads.365.mk/www/delivery/…'
*
* This noscript section of this tag only shows image banners. There
* is no width or height in these banners, so if you want these tags to
* allocate space for the ad before it shows, you will need to add this
* information to the tag.
*
* If you do not want to deal with the intricities of the noscript
* section, delete the tag (from … to ). On
* average, the noscript tag is called from less than 1% of internet
* users.
*/–>
Како што соопштија украинските власти, врз земјата биле испукани вкупно 76 проектили, од кои 40-тина само врз главниот град. Тие тврдат дека украинската противвоздушна одбрана соборила 60 од вкупниот број проектили, а 37 од оние упатени кон Киев.
Противвоздушната одбрана е исклучително ефикасна, но не и семоќна
Во неодамнешното интервју за „The Economist“, командантот на украинските сили, ген. Валериј Залужни, истакна дека противвоздушната одбрана е мошне успешна и дека има коефициент на соборени проектили од 0.76 (околу 76%). Сепак, во делот што го цитираа и руските медиуми, Залужни рече дека Русите го користат тој коефициент како основа кога ги планираат нападите, па наместо, на пример, 76 проектили, лансираат 100. Тие 24 се провлекуваат и ја достигнуваат целта, рече Залужни, потенцирајќи дека два проектила се доволни да оштетат трафостаница да не може да работи цели две години и да мора да биде одново изградена речиси од почеток.
Ова, се чини, се потврди и со денешните напади. Според соопштенијата од украинската страна, и покрај големата ефикасност на противвоздушната одбрана, преостанатите руски проектили предизвикаа „колосални“ штети, покрај загубените човечки животи.
Штетите се „колосални“
Имено, министерот за енергетика – Херман Халушенко, објави дека руските проектили утрово погодиле девет украински електрани, посочувајќи дека инженерските тимови и натаму работат на проценка на размерот на штетите.
Украинската државна енергетска компанија „Укренерго“, пак, објави дека повеќе од половина од потрошувачите во Украина останале без струја, најавувајќи итни рестрикции со цел намалување на потрошувачката и спречување на целосен колапс на системот.
„Големите ракетни напади ширум Украина предизвикаа губиток на повеќе од половина од капацитетите на електроенегетскиот систем“, соопшти компанијата.
Градоначалникот на Харков, вториот најголем украински град (барем до почетокот на инвазијата), кој се наоаѓа на североистокот на земјата, соопшти дека целиот град останал без струја по утринските напади врз енергетската и друга критична инфраструктура. На социјалната мрежа Телеграм тој објави дека штетата е „колосална“, повикувајќи ги граѓаните да бидат трпеливи, уверувајќи дека инженерските тимови работат на поправките.
„Знам дека во вашите куќи нема светло, нема греење, нема водоснабдување“, напиша тој, упатувајќи ги граѓаните кон таканаречените „пунктови на непобедливост“ кои украинските власти ги поставија за да можат граѓаните да се згрејат, нешто да каснат и да ги наполнат мобилните или да пристапат до интернет, токму во вакви случаи.
Во Киев, градоначалникот Виталиј Кличко информираше дека во прекин е водоснабдувањето во главниот град. Јавниот превоз беше во прекин, вклучително и подземната железница, бидејќи метро станиците се користеа како засолништа од ракетните напади.
Олексиј Кулеба, началникот на киевската регионална воена управа, подоцна информираше дека три лица се повредени, а едно е во тешка состојба по „масовните напади“ во киевскиот регион, при што оштетена била клучна инфраструктура, заедно со девет куќи. Некои подрачја имаат прекин на водоснабдувањето и греењето, а во регионот продолжуваат вонредните исклучувања на струја, додаде тој.
Таргет на руските напади беше и родниот град на украинскиот претседател Володимир Зеленски – Криви Рих, кој е најголемиот град во централна Украина и седми најнаселен, а втор најголем по површина (се смета и дека е најдолгиот град во Европа). Две лица се убиени, а петмина, меѓу кои и две деца, се повредени во нападите, објави шефот на регионалната воена администрација на Дњепетровскиот регион. Претходно, заменик шефот на кабинетот на Зеленски, Кирило Тимошенко, соопшти дека во градот била погодена станбена зграда и дека под рушевините може да има жртви.
Градоначалникот на Плтава, како и гувернерот на северниот регион Суми, исто така објавија дека во овие области снемало струја поради денешните руски ракетни напади.
Русија денеска за првпат користела стратешки бомбардер
Јури Ињат, портпаролот на украинското воено воздухопловство, денеска на прес-конференција изјави дека голем дел од вкупниот број проектили (кој тој во тој момент го посочи како 60) биле лансирани од стратешки бомбардер од типот Ту-95. Како што посочи, проектилите биле од типот Kh-555 и Kh-101.
Руската Црноморска флота, рече тој, исто така учествувала во нападот, со проектили од типот „Калибр“, а користени биле и проектили од типот S-300 и X-22, лансирани од бомбардер Tu-22M3. На небото, посочи, биле забележани и руски авиони од типот МиГ-31К. Лансирања биле забележани и од северот на Каспиското море.
Ињат потенцираше дека ова е прв пат Русија да користи стратешки бомбардери Ту-95 од базата Енгелс, која пред десетина дена беше мета, според Москва, на дронови лансирани од Украина.
Следете не, не има насекаде