Студија на научниците покажа дека маската за очи, која ја блокира светлината за време на спиењето, може да ја подобри функцијата на мозокот на една личност следниот ден. Научниците истакнуваат дека амбиенталната светлина може да влијае на структурата и времето на спиење.
„Спиењето е од суштинско значење за будноста и за подготовка на човечкиот мозок да апсорбира нови информации. Сепак, може да биде нарушено од надворешни дразби како што се светлина или звуци. Оваа студија го истражува носењето маска за очи како потенцијален когнитивен засилувач кој го штити ноќниот сон со блокирање на амбиенталната светлина“, објаснуваат истражувачите.
Беа направени два експерименти со група луѓе на возраст од 18 до 35 години кои носеа маска за очи додека спиеја секоја вечер една недела. Истражувачите откриле дека учесниците кои спиеле со маска за очи покажале зголемена епизодна меморија и будност следниот ден.
„Откривме дека носењето маска ја зголемува будноста и го олеснува запомнувањето на новите информации следниот ден. Покрај тоа, придобивката за меморијата беше предвидена со времето поминато во сон со бавни бранови додека се носи маската. Ова сугерира дека носењето маска за очи за време на спиењето е ефективно, економично и неинвазивно однесување кое може да има корист за когнитивната функција и да доведе до мерливи ефекти врз секојдневниот живот“, истакнуваат истражувачите.
Одамна е познато дека добриот сон е од витално значење за здравјето и правилното функционирање на нашиот мозок и тело и дека отсуството на светлина во просторијата каде што спиеме има големо влијание врз нашиот сон.
Познато е дека илјадници години луѓето оделе да спијат по зајдисонце, а утринската светлина сигнализирала дека треба да бидат будни.
Меѓутоа, во денешно време силната светлина во текот на ноќта стана нормална за луѓето. Паметни телефони, телевизори, светилки, билборди над прозорците, фарови, автомобили кои поминуваат – сето тоа се извори на светлина. Сето ова зрачење ја погодува нашата мрежница дури и преку затворени очни капаци и влијае на нашиот сон, велат истражувачите.
Истражувачите од Универзитетот Кардиф во Велика Британија забележуваат дека на секој дом му требаат завеси и предлагаат користење на маски за спиење како едноставно решение за секој да добие квалитетен сон.
Исто така, во два експерименти, беше откриено дека маските за спиење можат да го подобрат сонот на пациентите во одделенијата за интензивна нега, а дека здравите луѓе кои спиеле со маските следниот ден подобро ги извршувале своите задачи и покажале подобра будност и внимание.
Според авторите, резултатите од оваа студија имаат големо практично значење, наведувајќи дека многу секојдневни ситуации, како возење автомобил и учење, бараат од нас да бидеме внимателни и брзо да реагираме.
Следете не, не има насекаде