ноември 21, 2024

Навршија седум месеци од почетокот на војната во Украина. Економските изгледи и понатаму остануваат со висока доза на неизвесност, со надолни ризици поради растечката инфлација, можноста за запирање на испораката на гас од Русија, растот на цената на електричната енергија и затегнувањето на условите за финансирање. Секоја финансиска институција која се занимава со прогнозирање, во своите извештаи ја наведува условеноста на економските проекции од развојот на ситуацијата во Украина, односно времетраењето на конфликтот и санкциите кон и од Русија. Секако, тука е и задршката во однос на новите бранови или соеви на ковид-19, што се уште е закана. Инвеститорите се поделени – едни сметаат дека кризата го достигнала пикот и најлошото е зад нас, додека други сегашното зеленило на берзите го сфаќаат како осцилацилација пред „мечкин пазар“. 

Бидејќи неизвесноста е единствената извесност која постои, и да знаеш како да живееш во несигурност е единствената сигурност (според познатиот американски автор и универзитетски професор од областа на математиката, Џон Ален Паулос), оваа колумна ја посветувам на согледување на тековните состојби и претпоставките за иднината, кои на читателот ќе му дадат поширока слика за случувањата, но и воедно ќе му помогнат да извлече корисни заклучоци за тоа кои се расположивите можности и стратегии. Во продолжение е еден преглед на состојбите и очекувањата за европската економија, движењата на пазарите, препораките и мерките од страна на меѓународните финансиски институции и активностите од наша страна. Понатаму, тука се и системските промени кои ќе не направат поотпорни за некои нови предизвици во иднина.

Очекувања за европската економија – можна контракција во второто полугодие, но позитивен БДП во 2022

Да почнеме од Европа. Ќе дадам една аналогија, според добропознатата изрека на Мeтерних – „кога Франција ќе кивне, Европа ја фаќа настинка“. Имено, нашата економија, како мала и исклучително отворена економија со изложеност од 140% од БДП и со околу 80% од извозот насочен кон ЕУ и 50% кон Германија, сосема е логично дека случувањата во ЕУ и Германија не засегаат. Тие во голема мера се одразуваат на економските движења кај нас.

Инфлацијата во ЕУ продолжи да расте и во јули и тоа во најголема мера како резултат на растот на цените кај енергијата. Согласно податоците на Еуростат, таа достигна 9,8% во ЕУ, додека 8,9% во еврозоната, или на највисоко ниво од нејзиното формирање. Естонија, Латвија и Литванија забележаа стапки на инфлација од над 20%, додека 16 од 27 земји-членки имаат двоцифрена инфлација. Проекциите на Меѓународниот монетарен фонд од јули за економски раст во еврозоната во 2022 и 2023 година, се повторно корегирани надолу, вклучително и за поголемите европски економии – Германија, Франција и Италија. Да нагласиме сепак дека се очекува раст на БДП и во 2022 и во 2023, само значително забавен во однос на претходните очекувања. Имено, според Прегледот на ММФ од јули, растот во еврозоната се очекува во 2022 година да биде 2,6% во 2022 година и 1,2% во 2023 година, што е за 0,2 и 1,1 проценти поени, соодветно, пониско во однос на априлските проекции. Растот на германската економија е проектиран на 1,2% и 0,8% во 2022 и 2023 година соодветно, што е повторно надолна корекција во однос на априлските проекции на Фондот за 0,9, односно 1,9.

Врз основа на Индексот за деловна активност (PMI – PurchasingManagersIndex), или економски индикатор за трендовите во производството и услужната дејност, еврозоната во август контрахира. Додека светските ценовни притисоци се намалија во изминатите неколку месеци како резултат на разрешувањето на проблемите во синџирите на добавување, заканите кои доаѓаат од растечката цена на природниот гас во Европа, како и високите притисоци кај домашните цени, ја одржуваат инфлацијата висока.

И претходно очекувањата за европската економија беа дека се можни негативни квартални резултати во текот на 2022 година. Сепак, дека развојот на ситуацијата е на полошо, се огледа преку растот на европските цени на гасот од крајот на јули за 50%. Постојаниот раст на цените на гасот и можноста тие да останат и понатаму високи, укажува на тоа дека еврозоната веројатно ќе претрпи поголема контракција отколку што првично се очекуваше (иако технички може да се зборува за рецесија, односно за негативен квартален раст на БДП, две тримесечја по ред – како што дадовме објаснување и погоре, очекувањата за годишниот раст се сеуште позитивни). Проценките се дека цената на гасот ќе влијае инфлацијата во еврозоната следните месеци да се задржи околу 10%. Понатаму, високите цени на гасот ќе ги зголемат трошоците на компаниите, кои, пак, ќе продолжат да ги пренесуваат тие трошоци на цените на своите производи, така влијаејќи и на базната инфлација. Истовремено, растот на цената на гасот влијаеше на падот на еврото во однос на доларот, зголемувајќи ги цените на увозот. Во меѓувреме, домашно произведените ценовни притисоци се исто така високи. Сето ова ќе повлијае на раст на базната инфлација во еврозоната за која се очекува да достигне околу 5% следните месеци, а потоа да застане на 4,5% во 2023 година. 

Цените на енергијата за европските домаќинства и фирми ќе биде повисока од претходните очекувања. Ова ќе повлијае на довербата на потрошувачите, која ќе опаѓа и се помалку ќе бидат подготвени да ги трошат своите заштеди, што ќе се одрази на потрошувачката во втората половина од годината. Цената на енергијата ќе има влијание и врз инвестициите. Зголемените трошоци и послабите изгледи за финална потрошувачка ќе повлијаат на фирмите да скратат на несуштествените проекти.

Затегнување на основната камата на ЕЦБ

Фискалната и монетарната политика ќе бидат затегнати. Иако се очекува поддршка од европските влади за апсорпција на дел од ефектите од покачените цени за енергија за домаќинствата и фирмите, сепак не може да се очекува дека тие ќе ги надоместат сите нови трошоци. Европската централна банка речиси сигурно ќе продолжи со затегнување на монетарната политика,а тоа и ќе го забави растот. Се очекува ново зголемување на основната камата за 0,50 процентни поени во септември, а не е исклучено ниту ново затегнување во октомври. Послабата економија може да направи надолен притисок врз цените, но треба да се има предвид и дека ударот е и врз понудата и врз побарувачката.

Согласно првичните информации на национална основа, погодена од енергетската криза, германската економија нема добар перформанс, со најниски вредности согласно ПМИ-индексот и кај производната и кај услужната дејност, од јуни 2020 година. Очекувањата се дека Германија и Италија ќе бидат најјако погодени од растот на цената на гасот. Германија од аспект на индустријата, додека Италија поради зависност од гас во производството на електрична енергија. Француската економија е помалку зависна од гас од повеќето, додека нејзината влада презеде мерки за поддршка на домаќинствата. Шпанија, пак, е помалку поврзана со европските енергетски пазари.

Генеза на проблемот – Економската војна преку енергенсите меѓу Русија и ЕУ

И во претходните колумни пишував за заканите на руско-украинската војна за европската економија. Околу 35% од гасот кој го увезува Европа е од Русија, а цената на природниот гас влијае на цената на електричната енергија. Цената на електричната енергија пак влегува во цените на домашното производство, но и увозните цени на останатите производи. Како дел од санкциите врз Русија, но и рускиот одговор на нив, Европа планира и го намалува користењето на руски гас, со забелешка дека притоа обезбедувањето на соодветен супститут оди бавно. Како тоа се одразува, ќе го илустрирам со податокот дека само најавата на руски Газпром дека ќе ја прекине испораката на гас преку Северен тек 1 во ограничен период од неколку дена после 31 август, придонесе за драстичен раст на цените на гасот и електричната енергија на европските берзи.

Цената на гасот, достигна до околу 300 евра по мегават час. Природниот гас поскапе на над 3.300 долари за 1000 кубни метри. Инаку за илустрација, овој енергент од средината на 2021 година – досега е поскапен за неверојатни 700%!

Рекорди руши и цената на електричната енергија. На германската берза на крајот на август цените достигнуваа над 700 евра за мегават час за едногодишна испорака, додека на француската берза над 800 евра за мегават час. Инаку, пазарите на електрична енергија во Франција и Германија ја диктираат цената и на останатите берзи низ Европа, како бугарската, унгарската, словенечката… Па така овие пикови се одразија и на сите регионални берзи и цената достигна и до 600 евра за мегават час. Инаку, во 2021 година, на европските берзи цената над 75-100 евра за мегават час се сметаше за висока, додека на регионалните берзи цените се движеа не повеќе од 50-75 евра.

Очекувањата на енергетските експерти се дека до крајот на зимата оваа состојба нема да се менува многу, освен во случај на прекин на војната во Украина и одлука на Германија да увезува руски гас преку Северен тек 1 и 2. Додека пак, ако Германија, која доминантно влијае на цената на струјата на европските пазари продолжи со намерата за престанок на користење на рускиот гас, високите цени на енергијата ќе потрајат неколку години.

Тоа што е карактерисично, како што пишува британско списание Економист, оваа не е само класична војната на Русија во Украина, туку глобална хибридна војна, меѓу автократските режими од истокот и демократските системи на западот. Тоа е глобална геополитичка војна со глобални економски импликации преку енергетски ресурси, технологии, економски и финансиски санкции од двете страни што на среден рок може да има сериозни импликации на светскиот поредок (пред се се мисли на односите на Русија и Кина во релација со ЕУ и САД), глобализацијата, економскиот, финансискиот и технолочкиот развој.

Ова што се случува на европскиот континент, веќе е огромен економски шок од светски размери чии што последици сериозно ги чуствуваме и во нашата економија. Тоа е сериозен економски шок што не може да се избегне и сите ќе го почуствуваме, но секој ќе мора да даде свој придонес во асорбирање на овој надворешен економски шок со носење на дел од товарот преку штедење, рационализација и реорганизација. Секако и Владата ќе продолжи да биде активна и да помогне во справувањето со овој тежок надворешен економски шок. 

Владини мерки за апсорбирање на надворешниот шок

Како европските проблеми ќе се одразат на нашата економија? – Каналите се впрочем исти како и претходно (пишував за ова и кога почна војната во Украина): тука се инфлаторните движења (кои ќе се пренесат главно преку цената на енергијата на домашните цени), трговијата – која ќе биде под влијание на попрудентната потрошувачка, а исто така тука е и инвестициската претпазливост.

Што може да се направи? Владата презема и ќе презема мерки, но имајќи во вид дека многу поразвиени економии од нас не можат да го апсорбираат целосно шокот, тоа не може да се очекува ниту кај нас. Во Економскиот преглед од јули, ММФ повторно ги повтори препораките дека треба да се оди кон системски и таргетирани мерки.

Препораките се да се дозволи да делуваат пазарните сили на понудата и побарувачката, со поддршка за најранливите. Ценовните сигнали се клучни за конкретен одговор од побарувачката, а со тоа и почеток на стабилизацијата. Побарувачката за енергија е еластична, односно растот на цената, влијае на намалување на побарувачката, а со тек на време, како резултат на намалената побарувачка, цената ќе се стабилизира.

Мерки за амортизирање на растечките цени на електричната енергија преземаме веќе една година, преку субвенции на производството на ЕСМ и намалувањето на ДДВ-то за електрична енергија од 18% на 5% (на годишно ниво тоа го чини Буџетот на државата околу 50 милиони евра помалку приходи од ДДВ). Но, сите ние мора да бидеме свесни за големината на овој надворешен удар. Имено, цената на електричната на енергија на регулираниот пазар кај нас е 5 пати пониска во однос на пазарната цена на струјата – тоа е поддршката која ја даваме за домаќинствата и дел од компаниите кои се мали потрошувачи. Разликата во цената на чинење и продажната цена на електричната енергија што се обезбедува од државната компанија ЕСМ на регулираниот пазар за домаќинствата, како и за загубите на преносната и дистрибутината мрежа (што придонесува за пониска цена на електрична енергија и за делот на стопанството што е на либерализираниот пазар), надминува 200 милиони евра годишно. Но, цените на берзите продолжуваат да растат, а со тоа и трошоците за Буџетот. Затоа треба да се преземаат и други мерки покрај субвенционирањето и откажувањето од давачките. Итно треба да се преземаат мерки за штедење на електрична енергија од сите институции во јавниот сектор и субјекти во приватиот сектор, како и во секое домаќинство, едноставно секој граѓанин треба да даде свој придонес – според максимата „ШТЕДИ И ПРОДОЛЖИ!„ по примерот на Велика Британија кое пред бомбардирањата за време на Втората Светска Војна објави постери со слоганот „Смири се и продолжи!„ (KeepCalmandCarryOn!). Тоа  на среден рок треба да биде ориентацијата кон енергетската ефикасност, а понатаму и нови одржливи извори. Ако сите ние не станеме поодговорни, ништо не е постигнато. Само успеваме трошоците да ги префрламе од еден џеб во друг, бидејќи даноците ги плаќаме сите.

Во однос на другите мерки, во буџетот имаме издвоено 76 милиони евра резервни средства за нови антикризни мерки. Обезбедивме дополнителни средства во буџетот, околу 100 милиони евра повеќе за гарантираниот минимален доход и за субвенции за земјоделците. Ги зголемивме платите во здравството, полицијата, судството, поддржавме раст на минималната плата, поддржавме преку субвенции раст на плати во приватен сектор. Обезбедени се и дополнителни 200 милиони надвор од Буџетот – 100 милиони преку Европска банка за обнова и развој за ЕСМ и 100 милиони евра преку Европска инвестициска банка за Развојната банка за поддршка на стопанството. Во преговори сме и со Европската Комисија и ЕИБ во рамки на Програмата за економски развој за средства од 250 милиони евра за Гарантната шема. Најнова мерка која ја донесовме минатата недела за поддршка на ликвидноста на компаниите e постепено намалување на законско утврденото време за сервисирањето на обврските на јавниот кон приватниот сектор.

Владата работи на нов пакет на антикризни мерки, Премиерот со економскиот тим на Владата е во тесна координација со деловната заедница и сите оптшествени чинители за да се најдат најсоодвените решенија за поддршка на граѓаните и стопанството, особено за најраливите категории со таргетирани мерки.

Долгорочно решение

Сите овие мерки делумно ќе го амортизираат шокот кој ќе дојде однадвор. Но, јас сум за тоа секогаш да се биде реален и да не се разубавува вистината. Зимата ќе биде тешка, и за цела Европа и за нас. Владините мерки ќе го ублажат ударот, но нема целосно да го спречат – тоа нема да го направат ниту богатите економии. Она што сите треба да го направиме е да тргнеме од општата свест и да зборуваме кои се надобрите опции за НАС, а не најдобрите опции за МЕНЕ. Разбирливо е дека секој тргнува од својот проблем и на секого неговиот проблем му изгледа најголем, но најоптимални резултати и најмали последици може да постигнеме само доколку размислуваме како целина, како едно.

Тука доаѓам кон последната точка од мојата колумна и воедно до долгорочното решение, а тоа се системските промени. За да во иднина апсорпционата моќ на економијата во случај на криза биде значајно поголема – како и обезбедување на поквалитетни јавни услуги, мора да има промени на приходната страна (се разбира и поголема контрола на расходната страна, што ќе го постигнеме преку системскиот Закон за буџети). Со цел обезбедување на одржливи јавни финансии неопходно е ревидирање и рационализација на буџетските расходи преку системски и одржливи решенија. Тоа ќе значи и структурни реформи во кои работат ресорните министерства и институции, и тоа за оптимизација и зголемување на ефикасноста на државната администрација, поквалитетно здравство и образование, рефивидирање на субвенции во земјоделство базирано на принос и обезбадување на стратешки производи, социјално осигурување, подобрување на перформансот на јавните претпријатија и ќе продолжиме со натамошно намалување на сите неприоритетни трошоци, како што се патни трошоци, дневници, електрична енергија и други енергенси, мебел, возила и слично. Затоа сега е вистинско време да се зборува за оптималниот концепт на оданочување, вклучително и мерки за сузбивање на сивата економија, кои ќе обезбедат доволно приходи за сигурносен заштитен слој (бафер) во идни вакви потреси. Дебатата е отворена и таа во континуитет се одвива со сите чинители со кои заедно ќе дојдеме до најоптималното решение. За мерки се потребни средства и тие мора да дојдат од некаде – од подобрена наплата или од заем. Ако даночниот систем беше поефикасно и поправично поставен со поголем опфат (тука зборувам и за сивата економија), апсорпционата моќ на економијата сега ќе беше поголема, а потреба за задолжување помала.

И сосема за крај – повторно ќе ја спомнам енергетската ефикасност и водењето на зелена и одржлива економија. Во иднина просперитетни економии ќе бидат оние кои ќе имаат висок степен на одржливост. Оваа и претходната криза ни покажаа дека е потребен повисок степен на приспособливост на економиите. Оние кои ќе знаат брзо да одговорат на предизвиците, се оние кои ќе успеат. Инвестициите во одржливите извори на енергија се еден сегмент од тоа. Друг сегмент е одржливото земјоделство. „Одржливост“ во иднина ќе биде клучниот збор. Иновативноста и претприемништвото во оваа насока ќе дадат најголема додадена вредност и вреди за тоа да размислуваме.

„Не сме ја наследиле земјата од нашите родители, ја позајмуваме од нашите деца.„ (народна поговорка)

Следете не, не има насекаде

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

mk_MK
mk_MK