ноември 22, 2024

Дебитираа на светското првенство во Катар со меѓусебен натпревар во групата Ф и ќе го завршат мундијалот во директна пресметка за третото место. Хрватска и Мароко денеска од 16:00 часот на стадионот Калифа Интернационал ќе се борат за бронза. Овие репрезентации во полуфиналето беа поразени од Аргентина односно Франција. Хрватите еднаш веќе се имаат најдено во иста ситуација пред 24 години, а за Мароканците ова е најголемиот успех во историјата.

Реприза за Хрватите

Хрватска по втор пат ќе игра натпревар за третото место на едно светско првенство. За прв пат тоа се случи на светското првенство во Франција во 1998 година. Хрватска тогаш играше против Холандија. Хрватите беа поуспешни со 2:1 и го освоија бронзениот медал.

Најголемиот успех пред четири години

Ова не е најголемиот успех на Хрватска на светските првенства. Пред четири години на светското првенство во Русија тие се пласираа во финалето. Беа поразени од Франција со 4:2 и го освоија сребрениот медал.

Мароко ги освои симпатиите

За Мароко дуелот против Хрватска е историски. Мароканците се првата африканска репрезентација која се пласирала во оваа фаза на светските првенства. Фудбалерите на Мароко имаат огромна поддршка од домашната јавност, а ги освоија симпатиите на љубителите на фудбалот ширум светот. Во досегашните пет учества на светските првенства Мароко во четири наврати настапите ги завршувал во групната фаза, а еднаш во осминафиналето.

Патот до мечот за трето место

Хрватска и Мароко беа во иста група на светското првенство, заедно со Канада и Белгија. Во првото коло нивниот меч заврши со резултат 0:0. Во второто коло Хрватска ја совлада Канада со 4:1, а Мароко беше подобар од фаворизираната Белгија со 2:1. Во третото коло Хрватска со Белгија одигра нерешено 0:0, а Мароканците беа поуспешни од Канада со 2:1. Хрватска и Мароко од оваа група ги продолжија натпреварите во осминафиналето.

Хрватите потоа ја совладаа Јапонија на пенали, на ист начин остварија голем триумф над Бразил, а во полуфиналето загубија од Аргентина со 3:0.

Мароканците направија две сензации. Ја совладаа Шпанија на пенали, а потоа беа подобри и од Португалија со 1:0. Во полуфиналето загубија од Франција со 2:0.

Три случаи на два меѓусебни дуели на СП

Натпреварот Хрватска – Мароко ќе биде историски по уште еден податок. Тоа ќе биде четврти случај на втор меѓусебен натпревар на две репрезентации на едно светско првенство. До сега тоа се случило три пати. Прв пат во 1954 година Швајцарија и Западна Германија одиграле два натпревари. Потоа во 1962 година Бразил и тогашна Чехословачка играле два пати меѓу себе. Во 2018 два меѓусебни дуели одиграа Англија и Белгија.

Пријателски меч во 1996

Пред светското првенство во Катар, репрезентациите на Хрватска и Мароко се сретнале само еднаш. И тоа на пријателски натпревар во Мароко во рамки на турнирот „Крал Хасан Втори”. Хрватска го совлада Мароко. Натпреварот заврши 2:2, а Хрватска беше поуспешна на пенали.

Повреди и замор ги кројат составите

Двајцата селектори Златко Далиќ и Валид Раграгуи се соочуваат со проблеми во комплетирањето на составите. Во двете репрезентации и ма повредени и преморени играчи. Информациите од Катар велат дека во хрватскиот состав Модриќ е преморен, но тешко дека Далиќ ќе се откаже од него. Интер барал Брозовиќ да биде поштеден, а неизвесен исто така е Јошко Гвардиол. Можно е Далиќ да им даде шанса на други играчи.

Раграгуи за овој натпревар неизвесно е дали ќе може да смета на Агуерд и Саис кои се повредени.

Ќе суди судија од Катар

ФИФА како судија за натпреварот Хрватска – Мароко го одреди Катарецот Абдулрахман Ал Јасим. Овој факт изненадува од причина што тој на светското првенство судеше само еден меч, Англија – Велс од групната фаза. Ал Јасим е судија на ФИФА од 2013 година, а ова му е прво Светско првенство.

Следете не, не има насекаде

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

mk_MK
mk_MK