ноември 21, 2024

Среќно! Ова е пораката што на влезот во јамата ги дочекува рударите речиси во сите балкански земји. Со просечна плата од 500 до 900 евра на крајот на месецот овие работници имаат една од најтешките работи во светот.

Во добар дел од земјите од регионот просечната рударска плата ја надминува и просечната нето плата во државата. Исто така во последните три години постојано растат просечните нето плати во сите шест земји во просек за 5% годишно, што е мал поттик за работниците кои се соочени со напорна физичка активност и пропратните ризици.

Не изостанува рачната работа со машини и бушилици во внатрешниот дел на ископините иако се повеќе технолошките иновации го заменуваат рударот или барем тоа што некогаш се сметаше за класична рударска обврска. Сепак, некои ризици не се надминуваат толку лесно и брзо. Повреди и фатални несреќи во регионот се случуваат речиси секоја година.

Рударите над просекот

За речиси 40% просечната нето плата на рударите од регионот е повисока во однос на националната просечна плата и тоа благодарение на растот што се бележи во 2021 година и во првите 9 месеци од 2022 година.

Недостигот на квалификувана работна сила, зголемената побарувачка и генералниот раст на платите, дел предизвикан од инфлацијата, дел од иселувањето на работниците во западноевропските земји доведе и до рекордни плати кои ги бележи рударскиот сектор.

Според податоците од државните заводи за статистика на земјите од регионот, ако се споредат година за година, најголем раст на просечните плати има во Црна Гора во секторот рударство од 24.7%, потоа во Босна и Херцеговина просечните плати на рударите се зголемиле за 14.9%, во Србија за 9.4%, додека пак во Северна Македонија за 8.7% за една година.

Статистиките за Албанија се пресметуваат за целокупната индустрија каде платите во просек изнесуваат околу 350 евра, но според специјализираниот портал „Салари експлорер“ (Salary Explorer) просечната плата на рударите во Албанија изнесува околу 593 евра или забележан е раст за истиот период лани од речиси 10%.

Во Косово се прегледуваат годишни просечни бруто исплатени плати. Така достапни се податоци само за 2021 година кога платата во секторот изнесувала 539 евра во нето износ, и е непроменета во однос на годината претходно. Во некои рудници на Косово платите се многу повисоки од овој просек, па така се движат и до 650 евра.

Корона неизвесност и враќање во ритам

Корона кризата во првите месеци на затворања во 2020 година донесе голема неизвесност, но по првичниот шок побарувачката за минерални и метални суровини повторно се зголеми. Растат и цените на светските берзи за материјали. Дел од рудниците кои се соочуваа со недостиг на работна сила решение најдоа и во повратниците печалбари од западните европски земји кои најдоа работа како рудари.

Според информациите на рударските асоцијации ако некогаш важеше дека старосната граница на рударите се зголемува, по новите вработување на рудари помлади од 30 години, сликата се менува.

Просечната рударска плата во Северна Македонија која во 2021 година изнесувала 664 евра пораснала за 6,8% во однос на претходната година, а сега заклучно со септември 2022 година се искачила на 722 евра или нешто над 200 евра повеќе во однос на просечната нета плата во државата.

Можноста за искористување на бенефициран стаж и социјалните реформи на македонските рудари им овозможува да се пензионираат на 50 години.

Со тоа се отвара простор за вработување на млади кадри во рудниците кои ќе ја продолжат традицијата, додека пак веќе возрасните рудари ќе може да уживаат во заслужената пензија.

Рудари на протести

Токму најавите за намалување на платите во Босна и Херцеговина ги дигна рударите на протести во ноември 2021 година. Наместо во јамите со шлем и светилка излегоа на улиците барајќи повисоки плати, гарантирани бенефиции и подобар стандард.

Но, ако некогаш десетина илјади рудари на протест значело и социјална криза, со најавите за затворање на термоцентралите, преговарачката моќ на рударите постепено ќе опаѓа.

А, грижата дека транзицијата кон обновливи извори на енергија ќе ги изостави рударите и економски опустоши регионите зависни од економијата на рудниците, се повеќе ќе се зголемува како се приближуваат договорените рокови со Европската енергетска заедница.

Од неодамна во ентитетот Федерација на Босна и Хергцеговина беше потпишан и нов колективен договор со кој на вработените во рударството платите им се зголемија за 11%.

Неизвесна иднина за праведна транзиција

Енергетската криза придонесе за зголемена побарувачка за јаглен и зголемување на капацитетите за експлоатација, но европските лидери се обврзаа на долгорочни стратегии за надминување на зависноста од фосилните горива.

Овој нагорен тренд не се очекува да трае предолго, особено што инвестициите во обновливи извори на енергија ќе се зголемат, истовремено со зајакнување на забраните за отворање на нови рудници од отворен коп на европско тло.

Затоа на среден рок се очекува и посериозен проблем со ангажирање млади кадри кај рудниците за јаглен бидејќи на оваа гранка не и се предвидува голема долгорочност во наредните две до три децении, па така ќе станува се помалку атрактивна за младите рудари без оглед на висината на нето платата.

Праведната транзиција треба да се спроведе со директно учество и придонес во решенијата од самите работници во рудниците, како и од локалната заедница која е зависна од приходите на индустријата.

Скапи инвестициски проекти во соларни и ветерни централи, без соодветна преквалификација и наоѓање на одржлива економска активност за рударите и регионите во кои живеат, се закануваат дека на Балканот ќе донесат уште една лоша транзиција.

Следете не, не има насекаде

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

mk_MK
mk_MK