септември 23, 2024

Сашо Тасевски и денеска се надоврза на темата за детето што почина од напад на куче со статус на Фејсбук. Истиот го пренесуваме во целост подолу:

Сашо Тасевски: Топли зборови на поддршка за кучето што искаса до смрт осумгодишно дете…

Топли зборови на поддршка за кучето што закла осумгодишно дете, стигаат од многу страни.

Детето било виновно. Родителите не го воспитале, па влегувало во туѓи дворови кадешто нормално е да бидеш заклан од куче кое го чува дворот.

Читаш и утробата ти се крева.

Ако колевката на кошарката се САД, на фудбалот Англија, тогаш ние сме колевката на пореметеноста. Немам веќе дилеми.

Пореметени со тапија се на власт, одбрани од исти такви без тапија, ама исто пореметени.

Кога бев копиљ дедо ми чуваше шарпланинка Џина. Ѕвер. Глава ко на лав. Он ја дресираше војнички. Не смееше да афне, да не плаши луѓе. Особено деца. Мои другарчиња. Само ако иде некој ноќе во дворот, ќе најави, онака кратко придушено: Уфф! Паметна ко шахист. Ме сакаше ептен.

Нејсе, еднаш влезе другарче во двор, десетгодишно, ко стопати претходно. Џина го знаеше. Он играл со неа, ја галел и претходно. Од чиста мира го касна над зглобот.

Не беше тоа некоја многу страшна рана но обилно крвареше. Малиов писна, дотрча дедо ми, во кола малиов и јас и во болница.

После пепел во лицето, го однесе дома. Му беше срам и му беше тешко пред неговите родители, баба му и дедо му кои добро ги познаваше.

Сабајлето ја зеде Џина, ја однесе негде и застрела со пиштолот.

Ме лажеше дека ја однел во бачило. По еден месец ми кажа баба ми. Го прашав зошто?

Ми рече: НЕ смееше да афне на дете, а не да касне. Следниот пат ќе убиеше. Нешто во главата и се претумбало. Морав. Заслужи.

Следете не, не има насекаде

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Generated by Feedzy
mk_MK
mk_MK