септември 22, 2024

Општина Кисела Вода во континуитет ангажира лица преку приватни агенции за вработување, се констатира ревизорскиот извештај, со препорака дека тоа може да се прави само во случаи кога треба замена за привремено отсутен работник. Во него се додава и дека во 2021 година се ангажирале лица со авторски договори, а ревизорите не можеле да најдат што тие правеле. Ова се само дел од забелешките во делот на договорите за ангажирање лица, кои ги има во извештајот, додека на чело на општината се Филип Темелковски, а по него и Орце Ѓорѓиевски. Авторски ангажираните лица земале од 12.000 до 89.000 денари.

„Дел од склучените авторски договори имаат за предмет на изработка стручен труд поврзан со работни задачи кои припаѓаат на редовно систематизирани работни места (изготвување на систематизација, план за организирање на културни манифестации, протокол за спортски манифестации, координирање на активности во урбани и месни заедници, средби со медиуми, состаноци и агенда на градоначалникот и друго)“, велат од Државната ревизија во извештајот.

Тие, за авторските договори додаваат: „Од доставените извештаи на лицата кои биле ангажирани со авторски договор, утврдивме дека дел од нив воопшто не презеле активности во насока на креирање авторско дело согласно склучените договори (стручен труд) и дефиницијата утврдена во член 12 од Законот за авторското право и сродните права, туку истите преземале конкретни и повторливи дејства, како работни задачи во рамките на општинската администрација и за изборот на овие лица не постојат пишани критериуми како во поглед на потребата од нивно ангажирање, така и во поглед на стручните квалификации и компетенции кои би требало да ги поседуваат, не постојат критериуми ниту во утврдување на висината на надоместоците за извршената работа и истите се движат од 12 до 89 илјади денари“.

Од Државниот завод за ревизија посочуваат дека вкупниот број на привремени вработени лица во 2021 година изнесувал 82, кои по месеци се движеле од 45 до 64.

„Отстапените лица од приватната агенција се ангажирани за вршење на редовни работни задачи предвидени со Правилникот за систематизација на работните места, а 30 од нив, биле ангажирани континуирано за период подолг од две години. Ваквиот начин на работење, не е во согласност со член 24 од Законот за приватните агенции за вработување, кој предвидува во кои случаи, агенцијата може да отстапи работник за вршење на привремени работи и да склучи договор, но не подолго од две години, со или без прекин. 29 од вкупно ангажираните лица не ги исполнуваат потребните услови за образование утврдени во Правилникот за систематизација на работните места, што не е во согласност со одредбите на член 19 од Законот за приватните агенции за вработување каде е наведено дека основните услови за работа и вработување на привремените агенциски работници кои треба да бидат исполнети за времетраењето на нивното отстапување кај работодавачот корисник, се истите оние услови кои би се обезбедувале доколку работниците би биле вработени директно од страна на истиот работодавач, за извршување на истата работа“, се додава во ревизорскиот извештај.

Во него се посочува дека во ревизорскиот извештај се вршела проверка на работењето на општината и тоа додека градоначалници биле Филип Темелковски (до 26.10.2021 година) и Орце Ѓорѓиевски.

Следете не, не има насекаде

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Generated by Feedzy
mk_MK
mk_MK