Улицата Васко Карангелески е најдобар пример за опишување на начинот на кој функционира политиката-како политичарите лажно ветуваат и како граѓаните наивно неседнуваат на нивните лаги. Две години жителите на Аеродром од делот кај улицата протестираа за да се спаси повеќедеценискиот дрворед, кој од денеска дефинитивно е минато.
Не помогнаа ниту дописите на граѓаните, ниту предлогот на Зелен хуман град за суспензија на урбанистичкиот план околу улицата Васко Карангелески. Во април годинава граѓаните добиле уверување од градоначалничката Данела Арсовска дека нема да има проширување на улицата како што беше планирано, односно, дека ќе се проширува само едната страна од улицата до училиштето каде што веќе беа и исечени здрави дрвја. Но, проблемот се појави во ноември кога работниците на „Паркови и зеленило“ почнале со интервенциите и на другата страна од улицата.
На почетокот на минатиот месец беше постигнат договор со ЈП „Паркови и зеленило“ граѓаните од оваа подрачје да се изјаснат околу плановите за дрвјата и зеленилото. Тогаш беше договорено да се стопираат активностите на ова градско претпријатие на улицата.
-Вредноста на улицата е 77.5 милиони денари, а рокот за изградба на улицата во должина од еден километар е 2023 година, чија реконструкција ќе биде и реализирана од страна на Градот Скопје, добиваме голема поддршка од граѓаните за реконструкција на улицата и со новата промена на проектот успеавме да направиме заштита на дрвјата, изјави градоначалничката Данела Арсовска во април годинава.
Тогаш Арсовска на обвинувања од СДСМ рече дека дрворедот на улицата Васко Карангелески ќе биде целосно зачуван, а претходниот проект со реконструкцијата предвидувал сечење на дрворедот на потегот на целата улица.
-Со новиот проект ќе се зачува целото зеленило и ќе се посадат нови 30-тина дрвја. Првичниот проект на улицата предвидуваше целосно отстранување на над 100-тина дрвја за да може да се изврши реконструкцијата. Се направи промена на планот како да се зачува дрворедот и да се зголеми бројот на дрвја и на овој потег. Дрворедот пред пензионерскиот дом ќе биде целосно зачуван, над 100-тина дрвја стари 100-тина години на овој потег ќе ги зачуваме, а веќе беа пресадени 16-тина здрави дрвја заедно во соработка со Општина Аеродром, истите се веќе пресадени на потегот кај основното училиште Љубен Лапе, истакна градоначалничката.
Но пред пензионерскиот дом има два дрвореди, поточно имаше два. Нејасно е зошто беше неопходно улицата толку да се проширува, а и дрворедот претходно беше надополет со нови дрвја. Тоа што дрвјата се извадени и пресадени на друга локација не значи дека дрворедот е спасен, а нема гаранции ниту дека дрвјата ќе преживеат.
Во септември лани пред локалните избори на улицата се одржа протест на кој беа сегашниот градоначалник Тимчо Муцунски, како и членови на Левица, заедно со кандидатот за градоначалник на Општина Аеродром, Весна Кираџиева.
Од тогаш Мицунски на Васко Карангелески се појави само во април, заедно со Арсовска.
– Јас и градоначалничката Арсовска сме апсолутно посветени кон реализација на нашите ветувања. Поврзано со овој проект, ветивме дека ќе има нови сообраќајни решенија, токму тоа го има. Дека ќе биде спасен дрворедот, апсолутно се спасува дрворедот. Овој проект е од огромно значење што обезбедува сериозно сообраќајно решение, бидејќи сите сме свесни за сообраќајниот хаос во кој што е оставен градот. И тука е потребно да се реализира, ќе се реализира согласно нов проект, а граѓаните на крај ќе бидат сведоци дека дрвјата и овој многу значаен дрворед за дел од општина Аеродром, каде што јас самиот имам израснато целосно ќе биде спасен и ние го реализираме сето она што заедно со градоначалничката Арсовска во текот на кампањата го имаме ветено, изјави Муцунски.
За граѓаните не е прифатливо проширување на улицата на 4 ленти до основно училиште каде што децата ќе бидат во постојана опасност да бидат прегазени на булевар со 4 ленти. Не е прифатливо да се изгуби огромен појас на зеленило каде што локалците наместо да се движат по зелена патека ќе треба да се движат по асфалт со издувни гасови од густ сообраќај.
Во продолжение интегрален текст од Допис од жители на Аеродром против прошување на улицата Васко Карангелески, уништување на зеленилото и загрозување на безбедноста на децата испратен на 14 ноември до советниците на Град Скопје и на Општина Аеродром.
Ви се обраќам во името на жителите од зградите на улиците „23 Октомври“, „Васко Карангелески“ и „Ангел Димовски“ кои се на потегот од раскрсницата на улиците „23 Октомври“ и „Васко Карангелески“ кон Базенот и Домот за Стари лица.
Ние, жителите од овие згради сме крајно револтирани од неодржаните ветувања во врска со улицата Васко Карангелески.
По нашите силни реакции на крајот на 2021 година и со смената на локалната власт, во април годинава добивме јавно ветување од новите градоначалници на Аеродром и Скопје дека улицата ќе биде проширена само од едната страна кон основното училиште како компромисно решение меѓу нашите барања и веќе отпочнатиот процес со изведувачите.
Деновиве сведочиме на обиди за продолжување на активностите и проширување на улицата како што беше замислено претходно.
Повторуваме дека се противиме на проширување на улицата од две на четири ленти бидејќи сметаме дека сериозно ќе се наруши безбедноста, како на жителите од околните згради, на учениците од ООУ „Љубен Лапе“ (кои се преку 1.500 деца), така и на жителите на старечкиот дом и на пациентите од Поликлиниката „Јане Сандански“. Сметаме дека вие како лица избрани од граѓаните имате должност да се залагате за зачувување и унапредување на животната средина, а и да ги слушате граѓаните. Сакаме улицата да остане на двете ленти и мирна околна зелена зона.
БАРАМЕ:
Да не се преземаат никакви активности за кои граѓаните се целосно исклучени од донесувањето на одлуката
Да се послуша гласот на локалното население; да изнајдете соодветно сообраќајно решение за овој дел од градот за да се спречи дуплирање на количината на асфалт и бетон и да се зачуваат обемот на зеленило, безбедното детство и спокојната старост на жителите од овој кварт.
Улицата е наменета да поддржува сообраќај кон новиот мост накај Автокоманда, истиот не е направен, улиците на страна на општина Гази Баба не се ни пробиени и не се решени имотно-правните односи. Затоа за оваа улица во Аеродром има доста време за ревидирање и правилно решавање на сообраќајното решение. Особено затоа што ни претстои и усвојување на новиот ГУП за Скопје каде што задолжително бараме како приоритет да се земе квалитетот на живеење и задолжително да се изработат сите неопходни студии, вклучително темелна и опсежна сообраќајна студија.
Скопје мора да се развива врз база на најсовремени научни податоци. При планирањето на одржливата и инклузивна урбана мобилност задолжително е да се интегрирани следните полиња: јавен превоз, намалување на моторен сообраќај, смирување на сообраќај, политики за паркирање, обезбедување безбедни пешачки зони, велосипедски патеки, пристапност за лицата со посебни потреби, повозрасните лица и децата со императив: безбедност во сообраќајот.
The post Улицата Васко Карангелески е најдобар пример како политичарите лажно ветуваат и како граѓаните наседнуваат на нивните лаги appeared first on 24 Инфо.
Следете не, не има насекаде