По 50 години Здравко Чолиќ ќе има концерт во Крива Паланка. Пејачот ќе настапи на фестивалот Joy Fest, а рече дека одамна нема настапувано во Македонија, уште пред короната и дека овој пат ќе додаде енергија и магија на некои од песните.
„Во Крива Паланка сум бил во 70-тите години, на самиот почеток на кариерата. Настапував заедно со Маја Оџаклиевска и Кемал Монтено. Во тоа време работевме и патувавме многу, особено на југот на поранешна Југославија, кога ги посетивме речиси сите градови. Крива Паланка е историски град кој го паметам по прекрасниот манастир и мислам дека е дел од регионот познат по рударството“, рече Чолиќ и додаде:
„Драго ми е што работите конечно се средија и што по долго време се вративме пред македонската публика. Во нашата стандардна поп програма, која ќе ја слушне и публиката во Крива Паланка, има сплет на песни кои претставуваат вистинска музичка временска машина низ мојата педесетгодишна кариера, а судејќи според реакциите на публиката, би рекол дека секоја избрана песна го има своето заслужено место на таа листа и дека публиката е многу среќна што ја пее со нас. Доаѓаме во голем ансамбл, со бенд од 12 члена, танцова група која на свој начин ќе разубави и додаде малку енергија и магија на одредени песни, а носиме и интересно гудачко трио кое ќе претстави некои од моите песни кои вообичаено не ги изведуваме на малку поинаков начин. Сигурен сум дека не очекува посебна вечер на музика и дружење“, рече тој.
Чолиќ во моментов работи на новите песни и издавање на новиот албум.
„Ако се оди според планираното, ќе објавиме неколку песни, а потоа до пролет и целиот албум. Потоа следи концертна промоција во бројни земји и градови. Секако, Македонија е неизбежна на таа листа и верувам дека наскоро ќе се дружиме не само во Скопје, туку и во другите градови во кои секогаш со задоволство се враќам“, рече Чолиќ и на жителите на Крива Паланка им порача:
„Драги мои Паланчани, среќен сум што после многу години конечно се враќам во вашиот убав град и што заедно со песна ќе го прославиме празникот Успение на Пресвета Богородица. Ќе се погрижиме за најдобрата атмосфера, а се надевам дека ќе не послужи и убавото време и дека во Крива Паланка ќе дојде драга публика и нашите пријатели од другите градови од Македонија, Србија и Бугарија.
За потсетување, Чолиќ концертот ќе го одржи на градскиот стадион во Крива Паланка.
The post По 50 години Здравко Чолиќ со концерт во Крива Паланка, доаѓа со голем ансамбл, бенд од 12 члена, танцова група и гудачко трио appeared first on info.mk.
Следете не, не има насекаде
