Собранието денеска втор ден ќе расправа по дополнетиот Предлог-буџет за 2023 година, откако Владата го усвои текстот по прифатените амандамни во матичната собраниска Комисија. За власта, според изнесеното на првиот ден од дебатата, предложениот буџет е реален и е одговор на енергетската криза, со поддршка на граѓаните и стопанството и ќе обезбеди економски пресврт. Опозицијата, пак, ја доведува во прашање фискалната одржливот и смета дека буџетот е инфлаторен и манипулативен, без соодветна поддршка во клучните сектори.
-Целта на Предлог – Буџетот за 2023 година е да помогне во ублажувањето на последиците од енергетската криза, да обезбеди непречено финансирање на евроатлантските интеграции, исполнување на НАТО стандардите, но и да постави основа за економско заздравување и да обезбеди забрзување на економскиот раст. Овој Предлог-буџет е дизајниран за исполнување на определбата за фискална консолидација и обезбедување фискална одржливост, рече вчера министерот за финансии Фатмир Бесими на првиот ден од дебатата.
Според Бесими, Предлог-буџетот е реален, ги лоцира приоритетите и оти со него се обезбедуваат средства за граѓаните и фирмите.
Пратеникот Бојан Стојановски од ВМРО-ДПМНЕ го оцени буџетот како надуен балон којшто е во прашање кога ќе експлодира. Најголемиот буџет досега од дури 5,3 милијарди евра во една реченица, како што рече, би се опишал како буџет за склучување договори во четири очи.
-Ова е буџет со повисок буџетски дефицит од 4,6 проценти или 700 милиони евра кој ќе донесе јавен долг од 64,4 проценти од БДП. Во прашање се доведува фискалната одржливост односно дали државата ќе може да ги плаќа обврските, рече Стојановски.
Од даноци државата планира да собере повеќе од половина од парите или 3,4 милијарди евра, 352 милиони евра или 19,2 проценти повеќе од 2022 година од кои најмногу од ДДВ, а според Стојановски, Владата планира да направи класичен арач и репресија врз даночните обврзници.
Опозициските пратеници упатија критики и за високата инфлација. – Сите граѓани во државата се посиромашни за најмалку 20 проценти. Намалена е куповната моќ да функционираат. Предлог-буџетот е инфлаторен и манипулаторен. Во МАНУ кратите средства, промашена е политиката и во енергетиката, нема средства за хидроцентрали, за поврзување со гасоводот со Грција, за фотоволтаици, но има сериозни пари за купување скапа берзанска струја, рече Здравко Трајановски од ВМРО-ДПМНЕ.
Халил Снопче од Алијанса за Албанците, пак, нагласи дека последната инвестиција во енергетскиот сектор, е пред 41 година. – Има енормно зголемување на цените, на јавниот долг, но каде е концепцијата за елиминарање на овие појави, праша Снопче, критикувајќи ја и состојбата во енергетиката, увозот на струјата и потрошените пари за таа намена.
За владејачките пратеници буџетит следната година ќе обезбеди економски пресврт. Тие набројаа дека со него се обезбедени 250 милиони евра за дополнителни мерки за помош на граѓаните, средства за нов раст на мининалната плата и за пензиите, 790 милиони евра за капитални инвестиции, нови улици и патишта, градинки, амбуланти,…. Сето тоа ќе го поттикне генералниот економски раст, рече Жаклина Лазаревска од СДСМ.
Таа посочи дека Предлог буџетот за 2023 година е во насока на надминување на предвизвиците од глобалната економска криза, развоен е и со него на дело се продолжува со грижата за граѓаните и домашната економија.
-Во исклучително тешки години, исполнети со здравствени, сигурносни и економско-енергетски предизвици, како владејачко мнозинство вложивме огромни напори и успеавме да ја заштитиме макеоднската економија и животниот стандард, но сега врме е да мислиме и на напредок на државата, бидејќи сметаме дека иданата година ќе биде добра, и ќе биде година на надеж и економска пресвртница која почнува токму со овој буџет, рече Лазаревска.
Вкупните расходи во Буџетот за 2023 година, се планирани во износ од 324,8 милијарди денари, или за 36,3 милијарди денари повисоки во однос на Буџетот за 2022 година. Даночните приходи, кои ги опфаќаат приходите по основ на данокот на добивка, данокот на личен доход, данокот на додадена вредност, акцизите, увозните давачки и другите даночни приходи и сопствените приходи на буџетските корисници, се проектирани во износ од 162,6 милијарди денари, што, е за 13,6 отсто над износот на приходи планиран со Буџетот за 2022 година. Учествуваат со 17,7 проценти во БДП за 2023 година, што е приближно еднакво на учеството во претходната година.
Планираните капиталните расходи се за околу 51,8 отсто повисоко во однос на планот за 2022 година, а за финансирање на инвестициите планирано е да се обезбедуваат средства од Буџетот, ИПА фондови и заеми. Проектираниот дефицит за 2023 година во износ од 42,7 милијарди денари како и отплатата на долгот во износ од 52,1 милијарди денари, од кои надворешен долг во износ од 36,5 милијарди денари и домашен долг во износ од 15,6 милијарди денари, ќе се финансираат преку домашно и странско задолжување.
The post Продолжува дебатата за дополнетиот Предлог буџет за 2023 година appeared first on 24 Инфо.
Следете не, не има насекаде