октомври 30, 2024

Евроамбасадорот Дејвид Гир денеска изјави дека Европската Унија наскоро треба да излезе со став во врска со измените на Кривичниот законик, кои предизвикаа лавина реакции во јавноста, како во однос на нивната содржина така и околу самата процедура при нивното донесување по скратена постапка (со европско знаменце).

Гир: Брисел наскоро ќе излезе со став за измените во Кривичниот законик

„Мислам дека тие (измените на Кривичниот законик н.з.) се проучуваат од колегите во Брисел и сигурен сум дека наскоро ќе има одговор на тоа прашање“, изјави кратко Гир, прашан за коментар за измените на Законот.

Идентичен беше и неговиот одговор на прашањето како ја коментира самата процедура, односно носењето на измените со „европско знаменце“.

„И двете прашања верувам дека ќе бидат одговорени од Брисел во скоро време“, рече евроамбасадорот, кој денеска учествуваше на регионалниот форум на тема: „Родова еднаквост во пристапните процеси во ЕУ“.

Измените на Кривичниот законик, кои Владата „тајно“ ги утврди и Собранието експресно ги донесе по скратена постапка (со европско знаменце), а претседателот Стево Пендаровски ги потпиша, се објавени во „Службен весник“ со датум 7 септември 2023.

Измените се однесуваат на 38 члена од Кривичниот законик, за кои власта рече дека 35 се за усогласување со директивите на ЕУ.

Она што предизвика бура негативни реакции во јавноста е што измените опфатија промена на членовите кои се однесуваа на злоупотреба на службената положба и овластувања (член 353) и злосторничкото здружување (член 394).

Со изгласувањето, пратениците ги намалија пропишаните казни за двете кривични дела, воведоа горна граница на максималната казна, а и укинаа еден став од членот за злоупотреба на службената положба и овластувања. Со тоа предвидоа и порано застарување на делата.

Измените на Кривичниот законик, како што е предвидено, ќе стапат на сила на осмиот ден од објавувањето во „Службен весник“. За повеќето членови е наведено дека ќе почнат да се применуваат шест месеци по стапувањето во сила, но тоа не се однесува и на измените на делата за злоупотреба на службената положба и овластувања што значи дека тие ќе почнат да важат за помалку од една недела отсега.

Опозициската ВМРО-ДПМНЕ ги оцени измените на Кривичниот законик како обид за амнестија од страна на владејачките партиите со цел да се сокријат и спасат од одговорност од големите скандали.

Од друга страна, пак премиерот Димитар Ковачевски и СДСМ уверуваат дека не станува збор за никаква амнестија ниту пазарење со измените, туку дека се донесени заради усогласување со европското законодавство, конкретизирање на кривичните дела и проширување на конфискацијата.

Албанските партии од т.н. „опозициски блок“ – Алтернатива, Беса и Демократско движење, излегоа со став и тврдења дека основната причина поради која власта ги иницира промените на Кривичниот законик е за што побрзо да се спаси, и во Скопје „без трн во ногата“ да се врати поранешниот премиер и екслидер на ВМРО-ДПМНЕ, а сега бегалец во Будимпешта, Никола Груевски.

Заменик-министерката за правда Викторија Аврамовска-Мадиќ, која ги бранеше измените во Собранието, вчера во интервју за „Топ тема“ рече дека интервенцијата во членовите 353 и 394, во делот на намалувањето на казните за функционерите обвинети за злоупотреба на службената положба, се однесуваат на тоа да се намали бројот на судските постапки. Воведени се поблаги казни, но за сметка на тоа дадовме акцент на членот 98-а кој предвидува проширена конфискација, рече Аврамовска-Мадиќ.

Таа смета дека пократката застареност на делата ќе влијае на тоа судиите и обвинителите побрзо да ги завршуваат предметите.

Експресните измени на Кривичниот законик предизвикаа реакции и во правосудната фела. Во петокот минатата недела претседателката на Уставниот суд, Добрила Кацарска, изјави дека е фрапирана од тоа како се однесени измени, за кои, како што рече таа лично не знаела.

Директорката на Академијата за судии и јавни обвинители, Наташа Габер-Дамјановска денеска изјави дека измените на Кривичниот законик не треба да се гледаат изолирано во однос на случувањата во изминатиот период. Вистинското прашање, според неа, е зошто се поминати толку многу години со малку завршници на покренатите дела од обвинителствата.

Следете не, не има насекаде

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Generated by Feedzy
mk_MK
mk_MK