Бугарскиот претседател Румен Радев смета дека решението за проблемите во односите со Македонија лежи во имплементацијата на Копенхашките критериуми за членство во ЕУ и во почитувањето на човековите права. Тој посочил дека Бугарија отсекогаш била двигател на европската интеграција на земјите од Западен Балкан.
Радев: Европските барања јасно укажуваат дека Македонија мора да го измени Уставот
Според зборовите на шефот на бугарската држава, искажани во интервју за грчката државна новинска агенција АНА-МПА, „повеќе не треба да се зборува за бугарско вето, бидејќи има јасен заклучок на Европскиот совет од јули минатата година и договорена преговарачка рамка“.
Овие европски, а не бугарски, барања јасно укажуваат дека РМ мора да го измени својот Устав за да им даде можност на Бугарите да имаат уставна заштита и еднакви права со тоа што ќе бидат вклучени на еднаква основа со другите државотворни нации во оваа земја – потенцирал Радев.
Како што пренесуваат бугарските медиуми, Радев уште еднаш повикал на „искоренување на јазикот на омразата и насилството врз Бугарите кои живеат во РМ, како и на почитување и заштита на бугарското културно и историско наследство“.
Бугарскиот претседател изразил и надеж дека што поскоро македонските власти „ќе ги прифатат европските принципи и вредности за подобра иднина на граѓаните на РМ, како и за создавање подобра перспектива за сите на Балканот“.
Следете не, не има насекаде
