ноември 28, 2024
Вицепремиерот задолжен за економски прашања, координација на економските ресори и инвестиции, Фатмир Битиќи денеска се обрати на манифестацијата „ТОП 100“ на Стопанската комора на северозападна Македонија. Традиционална манифестација со која комората секоја година ги наградува најуспешните компании кои во изминатата година оствариле позитивни резултати, известуваат од Владата.

– Стопанската комора на северозападна Македонија долго време беше мојот дом и оваа манифестација ме прави посебно горд, бидејќи им се оддава признание на најдобрите ТОП 100 најуспешни компании членки на Стопанската комора на северо-западна Македонија. Честопати забораваме да пофалиме и наградиме добро завршена работа, дополнително, не смееме да занемариме дека во последните три години се соочуваме со непредвидлива здравствена и економска а сега и енергетска криза која ги стави на тест нашата отпорност, истрајност и борбеност, затоа сметам дека оваа година, ова признание на „ТОП 100“ им дава дополнителна тежина, истакнал Битиќи, пренесуваат од Владата.

Тој посочил дека најдобрите ТОП 100 компании, во 2021 година имаат реализирано нето добивка од 82,3 милиони евра, оствариле 1,1 милијарда евра приходи, реализирале инвестиции од 60,5 милиони евра и вработиле 9202 наши сограѓани.

– Успехот на овие компании за мене е важен и бидејќи даваат позитивен пример и поттик за сите останати и создаваат култура на деловна мотивираност и промовираат здрава конкурентност. Сето ова влијае на подобрување на продуктивноста, зголемување на бројот на вработените, како и севкупниот економски раст, вели Битиќи.

Тој ја поздравил работата на Стопанската комора на северо-западна Македонија која ги поддржува и партнерски работи на нивниот развој.

– Ние не може да зборуваме за развој на нашата економија, за зголемување на конкурентноста на компаниите, за ефикасност, ако немаме компетентни, влијателни, релевантни и независни стопански комори, кои се пулсот на компаниите, кои имаат основна цел да им помогнат на компаниите во нивниот развој секако преку креирање на услови и опкружување кое ги охрабрува и поддржува во нивните планови, истакнал вицепремиерот.

Битиќи нагласил дека на владите секогаш им се потребни силни стопански комори кои работат во интерес на целокупната бизнис-заедница, а не само за неколку компании или само за издвоени пазарни сегменти.

– Потребни се стабилни и професионални институции кои правилно ги артикулираат барањата на компаниите и систематски и темелно предлагаат решенија за решавање на сите проблеми и надминување на сите предизвици. Мојата визија се поклопува со суштината на постоењето на коморите. А тоа е да имаме конзистентност во економските политики, и нивно стабилно и долгорочно имплементирање врз основа на потребите на компаниите. Да креираме економски систем кој ќе биде отпорен на политички влијанија и кој нема да се менува со промени на извршната власт, вели вицепремиерот.

Комората, според него, и во иднина треба да биде коректив на грешни политики, или пак да го потврди и поддржи она што е добро и правилно.

– Да биде акцелератор на добрите економски практики, да оддава признанија на економските лидери, да биде општествено одговорна институција која ќе биде симбол на правичност, рамноправност и развој но и предводник на новата македонска развојна економија која ќе биде базирана на четвртата индустријализација, солидарност и соработка. А ние ќе продолжиме да ве поддржуваме и партнерски да работиме за континуираното создавање подобри услови за нови работни места, нови инвестиции и подобар стандард за граѓаните, подвлекол Битиќи.

Тој информирал дека веќе се почнати исплатите за државна помош за компаниите по Законот за финансиска поддршка на инвестиции.

– Оваа година поддржуваме рекордни 417 компании, а секоја година го зголемуваме и буџетот за поддршка, оваа година ќе бидат исплатени 1,7 милијарди денари. Со моето доаѓање на оваа позиција во 2020 година, за прв пат и покрај ковид кризата, имавме 100% исплата на државната помош и продолжуваме и оваа година, како и минатата година, што ја потврдува нашата посветеност кон нив и нашата намера да продолжиме да ги поддржуваме, потенцирал вицепремиерот.

Тој на крајот од своето обраќање посакал професионалност, компетентност и долговечност на комората, како и на компаниите кои, како што рекол, „денеска ги славиме но и сите останати кои покажуваат пркос и развој и во овие години полни со предизвици“

Следете не, не има насекаде

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

mk_MK
mk_MK