На отворањето на изложбата, во центарот за култура „Григор Прличев“ присуствуваа градоначалникот Кирил Пецаков и амбасадорот на Кралството Шпанија, Хосе Луиз Лосано Гарсија.
Изразувајќи уверување дека публиката ќе ужива во понудените филмови и уметноста на Фиданоски, охридскиот градоначалник смета дека „Неделата на шпанскиот филм“ е вовед во пред празничната атмосфера во градот.
– Повеќемесечните разговори и заложби за културна соработка и презентација на шпанската култура во Охрид вродија со плод и вечерва и во наредните денови, ќе имаме можност поблиску да се запознаеме со шпанската кинематографија, а преку изложбата на Филип Фиданоски ќе одбележиме 140 години од раѓањето на шпанскиот и светски великан Пабло Пикасо, рече Пецаков.
Шпанскиот амбасадор во земјава посочи дека со изложбата „Пикасо можеби јас“ се оддава почит на најдобриот и најрепрезентативен уметник на 20 век, Пабло Пикасо.
Во рамките на шпанскиот филмски циклус, додаде, ќе бидат прикажани три филма.
– Започнуваме со една многу посебна комедија „Шампиони“, која ги возвишува вредностите како што се достоинството, дарежливоста и другарството. Дозволете ми да напоменам дека во Шпанија и јавните власти и граѓаните со години работат на подобрување на перцепцијата и третманот на лицата со попреченост. Несомнено, има уште работа да се направи, но горди сме што можеме да кажеме дека одржуваме солидарна и цврста посветеност на развојот на политики и иницијативи во корист на најранливите луѓе и групи, рече Гарсија.
Според програмата, утре ќе биде прикажан филмот „Тајната во твоите очи“, во шпанско-аргентинска копродукција, додека в четврток ќе биде прикажан „Лесно е да се живее со очи затворени“, на режисерот Давид Труеба.