октомври 25, 2024

Во сообраќајната несреќа нема повредени лица, а причинета е значителна материјална штета на возилото кое удрило во мечката

Во сообраќајна несреќа на регионалниот пат Тетово-Јажинце, кај селото Доброште, синоќа околу 21 часот е усмртена мечка, информираат од СВР Тетово. Во сообраќајната несреќа нема повредени лица, а причинета е значителна материјална штета на возилото кое удрило во мечката.

„Вчеравечер, во 21:15 часот во СВР Тетово е пријавено дека на регионалниот пат Јажинце-Тетово, во тетовско Доброште, патничко моторно возило ’цитроен’ со скопски регистарски ознаки, управувано од 45-годишниот М.П. од Скопје, удрило во мечка и ја усмртило. Нема повредени во возилото, додека мечката е предадена на Националниот парк ’Шар Планина’. На местото на несреќата увид извршила екипа од СВР Тетово“,

вели за „360 степени“ портпаролот на тетовската полиција Марјан Јосифоски.
На истиот пат Тетово-Јажинце кај Доброште и на 14 јули годинава се случи сообраќајна несреќа во која беше прегазена и усмртена мечка. Тогаш во несреќата учествувале две патнички моторни возила, при што беа повредени двајцата возачи. Исто така мечката беше предадена на Национален парк „Шар Планина“.

Во последниот период се почесто има присуство на мечки во близина на населени места. Жителите на селото Жировница неколку пати имаа директна средба со мечки. Општина Маврово и Ростуше побара Владата да прогласи кризна состојба на целата територија на Општината поради зголемено присуство на кафеавата мечка на овие простори и опасноста што таа ја има по граѓаните.

Потоа Владата на седница донесе превентивни мерки како што се чистење на ѓубриштата во и околу населените места кои претставуваат извор за привлекување на мечката. Препорачано е и да се контролираат сите придружни објекти во кои се чува храна, добиток или пчели и тие да бидат обезбедени со ограда под електричен напон, а местата за одлагање на комунален отпад да бидат затворени со метална ограда.

Во мерките, кои се усвоени, се предлага и успивање и дислоцирање мечки, во соработка со државни органи и научни институции, како и обезбедување посебни хранилишта за мечки надвор од населени места, а дозволено е и употреба на превентивни средства за заплашување и одвраќање, како и организирана употреба на средства за заплашување на мечките.

The post Мечка усмртена во сообраќајна несреќа во Тетовско, нема повредени луѓе appeared first on Шило Магазин.

Следете не, не има насекаде

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Generated by Feedzy
mk_MK
mk_MK