октомври 23, 2024

Неколку илјади жители на Општина Неготино деновиве добиле опомена од Одделението за администрирање со даноци, во која се повикуваат да платат данок на имот во рок од осум дена, во спротивно ќе се пристапи кон присилна наплата.

Граѓани кои добиле од овие опомени, потпишани од градоначалникот д-р Горан Стојанов, за ,,Фокус” велат дека веќе платиле данок на имот, а опомените кои ги добиле биле со значително повисоки суми од оние кои секоја година ги плаќале.
Стигнале дури и опомени на лица кои одамна се починати, а некои жени добиле и по две опомени, една на моминското презиме, друга со презимето на сопругот.

Вработени во општината велат дека телефоните постојано им ѕвонат овие денови, а има и доста граѓани кои со опомените се упатиле во општинската зграда, за да видат за што точно станува збор и дали евентуално ќе треба да плаќаат камата, бидејќи повеќето опомени датираат од почетокот на септември, а ги добиле сега.

Градоначалникот Стојанов за ,,Фокус” вели дека нема место за паника и појаснува што се случило и зошто граѓаните ги добиле опомените.

-Поради грешка во системот сведочиме на една ваква немила ситуација, и апелирам до неготинската јавност дека нема место за паника, се ќе се среди. Сите кои добиле опомени, да бидат мирни, нема да има никаква присилна наплата или пак камата, со опомените нека дојдат во даночното одделение и ќе се реши недоразбирањето.

Оние пак, кои веќе ја платиле сумата назначена на опомената, ги известувам дека истата сума ќе им биде одбиена од данокот во наредните години.

Ќе има корекција на сумите, но тоа мора овде да се провери, за секој граѓанин посебно. Повторувам дека е системска грешка, која набргу ќе биде средена – истакна градоначалникот.

Вики Клинчарова

The post Градоначалникот на Неготино појаснува зошто, умрените и живите лица добиле опомени за неплатен данок appeared first on Шило Магазин.

Следете не, не има насекаде

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Generated by Feedzy
mk_MK
mk_MK