Затворениот поранешен грузиски претседател Михаил Саакашвили денеска се појави видно ослабен на сослушувањето на кое присуствуваше преку видео врска, пренесуваат странските агенции.
Саакашвили, кој претходно беше познат по својот голем раст, беше потпрен со перница, рацете му се тресеа, а неговата некогаш црна коса сега е целосно побелена, покажуваат снимките од рочиштето на кое треба да се одлучи дали ќе остане во притвор или ќе му биде дозволено да оди на лекување во странство.
Поранешниот лидер (55) отслужува шестгодишна затворска казна за „злоупотреба на власта“, пресуда што тој ја нарече политичка. Тој беше осуден во отсуство во 2018 година додека живееше во егзил, а беше уапсен по неговото враќање во Грузија во октомври 2021 година.
Саакашвили беше на чело на Грузија од 2004 до 2013 година. Тој беше претседател за време на војната со Русија во летото 2008 година, која заврши со брз пораз на Грузија.
Здравјето на Саакашвили значително се влоши за време на неговото затворање, особено како резултат на повеќекратните штрајкови со глад . Властите го префрлија во болница каде продолжува да ја издржува затворската казна.
Група лекари од САД, кои го прегледаа на барање на неговите адвокати, изјавија дека тој страда од последиците од затворските услови и дека неговиот живот е во опасност.
Следете не, не има насекаде