Во последните неколку години се забележува зголемување на употребата на VPN технологијата, а нејзините апликации се широки. Ако сте го виделе овој термин, но не сте сигурни што значи или дали ви треба, еве објаснување.
Акронимот VPN стои за Virtual Private Network (Виртуелна приватна мрежа). Во основа, се воспоставува врска помеѓу вашиот уред и оддалечен сервер, создавајќи „тунел“ кој ги шифрира вашите лични податоци, ја маскира вашата IP адреса и ви овозможува да заобиколите одредени блокови на интернет.
Покрај тоа што ги заштитува со шифрирање вашите податоци, VPN го спречува и следењето на историјата или локацијата. Ова е голема придобивка за оние кои сакаат да „сурфаат“ на интернет со зголемена приватност.
Иако VPN е легален во повеќето земји, неговата употреба сè уште е забранета или ограничена во некои земји. Според Форбс, VPN е нелегален во Белорусија, Ирак, Северна Кореја и Туркменистан. Легален е со одредени ограничувања во Кина, Египет, Оман, Русија, Турција и ОАЕ.
Добрите страни на VPN
Сега кога знаете што е VPN, еве неколку работи за кои е корисен, па можете да одлучите дали ви треба.
Прво, тука е безбедноста на податоците како што се работните е-маилови, информациите за плаќање, како и означувањето на локацијата. Овие типови на информации лесно се злоупотребуваат доколку криминалците ги добијат, а VPN им ја отежнува работата.
Понатаму, ако работите од дома, може да имате корист од VPN бидејќи ќе можете да пристапите до ресурсите на компанијата каде и да сте, се додека имате интернет конекција.
Трето, а можеби и најинтересно – можете да користите VPN за да пристапите до гео-ограничена содржина (на пример филмови што не се достапни за регионот на некои стриминг услуги). Сепак, имајте на ум дека многу услуги за стриминг имаат блокатори на VPN, така што може да се помачите да најдете некој што „пробива“ популарни страници како Netflix, Amazon итн.
Четврто, користењето VPN е корисно во земјите каде што владата го ограничува пристапот до одредени услуги (можеби Кина е најпознатиот пример). Покрај тоа што дозволува заобиколување на блокади, VPN го отежнува и следењето на корисниците.
Маани на VPN
Иако VPN има свои предности, како и секоја друга технологија, има и недостатоци. Еве брз преглед на некои од лошите страни.
Прво, како и со се друго во животот – толку пари, толку музика. Не се сите VPN-и исти, па квалитетниот може да ве чини. Не мора да биде огромна сума, но во морето бесплатни услуги, уште една ставка што треба да ја плаќате секој месец дефинитивно може да ги исклучи потенцијалните корисници.
Второ, користењето на VPN ја зголемува потрошувачката на вашите мобилни податоци, затоа што сега мора да „дојдат“ и до VPN серверот. Ова, ако користите VPN на вашиот телефон, може да доведе до повисока сметка.
Трето, ако изберете VPN што не е многу добар, може да ја забави вашата интернет конекција без да ви даде речиси ништо за возврат. Уште повеќе, постои и можност VPN да ги продаде вашите податоци на трета страна, иако таа опасност постои со било што на интернет каде што поминуваат вашите податоци. Едноставно треба да имаш доверба.
Последната маана што би ја издвоиле е што повеќето VPN едноставно не се доволно ефикасни за апликациите кои се најпопуларни. Како што рековме, многу услуги за стриминг во последно време почнаа агресивно да блокираат VPN, па веројатно ќе треба да пробате многу од нив пред да можете да заобиколите еден од тие блокади.
The post Што е VPN и дали ви треба: Најважните предности и недостатоци appeared first on info.mk.
Следете не, не има насекаде