Фудбалскиот второлигаш Тетекс од Тетово денеска го промовираше новиот Управен одбор кој ќе го раководи клубот по оставката на претходниците. Седумчлениот состав на Управниот одбор како претседател ќе го предводи д-р Бобан Вучевски.
-Клубот го наследуваме во лоша состојба, без соодветен кадар на фудбалери, соодветен стручен штаб, минусно салдо и долгови. Затоа, нашата цел ќе биде да се обединиме, сите верни фанови, тетовчани, љубители на фудбалот и спортот со заеднички сили да го вратиме клубот онаму каде што припаѓа. Ветуваме дека со сите сили ќе се бориме и секој натпревар во втората полусезона ќе го играме како да ни е финале. Значаен ќе биде секој гол, секој бод, секоја победа за наш опстанок и спас на клубот, изјави Вучевски.
Тој упати апел до сите заинтересирани, од различна професија, како поранешни и сегашни фудбалери, легенди, спортски доктори, тренери кои можат да дадат некаков придонес во клубот, да се пријават.
-Дел од нашата мисија во наредниот период ќе биде и посета на регионални компании за да побараме парична помош и финансиски да закрепнеме, за да не дозволиме згаснување на овој бренд кој функционира речиси 70 години. Отворени сме за секој кој што смета дека може да помогне, и го повикуваме да се приклучи кон оваа иницијатива, затоа што само сите заедно, сплотени, верувам дека можеме многу повеќе да придонесеме за клубот и да успееме во нашиот план. Да донесеме големи резултати и да го вратиме ФК Тетекс на старите победнички патеки и славни времиња, рече Вучевски.
Шеф на стручниот штаб останува Дејан Савевски, со прв асистент Живорад Радоњиќ и Миле Спироски како тренер на голмани.
-Планот е на 11 јануари да почнеме со подготовки во Тетово. Доколку ќе има прилика ќе тренираме и во некое друго место во потоплите краеви на државата. Планираме и шест пријателски натпревари, изјави Савевски.
Во Управниот одбор членуваат и Ивица Хаџииљоски – Чајка, Драгољуб Јовановски, Перо Јовановски. Живко Антовски, Бобан Мишевски и Ненад Спасоски – Зец.
Следете не, не има насекаде