„Решавање на дневни, менаџерски проблеми, како што е овој со превозниците, тоа не е работа на Владата, тоа треба што поскоро да го реши градоначалничката и мнозинството во Советот од ВМРО-ДПМНЕ да им го врати функционален градот на скопјани. Кавгите граѓаните не ги интересираат туку решенијата“, вели во интервју за МИА премиерот Димитар Ковачевски на прашањето како Владата може да помогне во решавањето на проблемот со приватните превозници.
„Ние како Влада во рамки на нашите ингеренции сме направиле сѐ што е во наша моќ. Законските услови за нормално функционирање на општините се обезбедени, дотациите се обезбедени, дотолку повеќе што во 2023 планирани се и зголемени блок и ДДВ дотации за општините. Изминатиов период ја разгледуваме можноста за преземање на некои инфраструктурни, капитални проекти кои се од значење за градот и граѓаните на Скопје на подолг рок, како што е реконструкцијата на Универзалната сала или пак важни клучки, улици и мостови кои останаа недовршени од минатиот мандат како што е на пример изградбата на мостот на Љубљанска. И тоа го правиме во обид да ги спасиме важните проекти и да му обезбедиме можност на Скопје да се развива во иднина во навистина модерен град како и што беше планиран“, вели Ковачевски за МИА.
Тој потсети дека измина една година измина откако ВМРО-ДПМНЕ ја презеде локалната власт во Скопје, а резултатот што го гледаме денес, како што кажа, е што главниот град е сѐ само не главен и уште помалку модерен град и оти тоа е недозволиво.
„Ова се случува веќе подолго време, но секако кулминираше со кавгата за тендери и провизии и хаосот со јавниот превоз во Скопје. Скопје е нефункционален, заглавен град, со колабиран јавен превоз, со граѓани кои едноставно не можат да си ги завршат дневните обврски, не можат да функционираат нормално. Средношколци пропуштаат настава, родителите не можат да си ги однесат децата во училиште или градинка. Никој не може да стигне ни на работа, ниту на лекар, никаде. Прескапа цена плаќаат граѓаните заради кавгите во ВМРО-ДПМНЕ, меѓу Мицкоски и Арсовска. Тоа е недозволиво“, посочува Ковачевски.
Според него, иако делумно се повлечени блокадите, тоа не е решение за хаосот кој е создаден и колапсот на јавниот превоз до кој е доведен градот од страна на, според премиерот, градоначалничката Данела Арсовска и Христијан Мицкоски.
„Тоа се двете адреси каде што треба да се бараат одговорите и решенијата. Владата нема ингеренции во јавниот превоз во Скопје и Владата не е соодветна адреса. Нивните меѓусебни кавги го парализираа градот, тие пред сѐ треба да им се извинат на Скопјани, па да седнат да го решат проблемот и тоа веднаш. Доста трпеа Скопјани. Мнозинството во Советот на Град Скопје е на ВМРО-ДПМНЕ, претседавачот на Советот е од ВМРО-ДПМНЕ, директорите на јавни претпријатија и членовите на Управните одбори на тие претпријатија исто така се од ВМРО-ДПМНЕ. Очекувам да седнат и да најдат решение за проблемот што самите го создадоа. А тоа го очекуваат и граѓаните“, рече Ковачевски во интервју за МИА.
Целосното интервју со премиерот Ковачевски ќе биде објавено утре.
Следете не, не има насекаде