Пензионираниот британски вицемаршал, кој сега е воен аналитичар, Шон Бел ја анализираше ситуацијата на теренот во Украина за Sky News. Тој се осврна на индициите за тоа дали Русија можеби е подготвена за преговори.
Тој нагласи дека треба да се биде „многу, многу внимателен“ по ова прашање и дека „не треба да се избрзуваат заклучоците, но потоа сепак рече: „Веројатно ги имаме првите навестувања дека Русија е подготвена за разговори“. Потоа уште еднаш нагласи како да се внимава со тие информации.
„Прилично сум сигурен дека Путин во оваа фаза би бил очаен за пауза во борбите. Неговата војска е поразена, залихите му се при крај, тој ослабе, а зимата не е блага на бојното поле“, рече тој.
Не верува дека Зеленски би се согласил
Сепак, тој даде и преглед како Зеленски може да гледа на тоа. „Од негова перспектива, ниту за момент не гледам дека е во позиција да преговара“, рече тој.
Тој уште еднаш повика на претпазливост. „Можеби гледаме мало придвижување кон денот кога би можеле да започнат потенцијалните разговори. После тоа, ќе биде потребно извесно време пред да добиеме какво било преговарачко решение“, рече тој.
Што рече Путин?
Оваа анализа доаѓа на денот кога Владимир Путин рече дека Русија најверојатно ќе бара договор со Украина во иднина. АФП ја пренесе неговата изјава во која се вели дека на крајот ќе биде потребен договор за да се стави крај на конфликтот во Украина.
Оваа изјава доаѓа по девет месеци од руската инвазија на Украина. Сепак, Путин нагласи и дека има прашање на доверба. „Довербата очигледно е речиси на нула, но на крајот ќе треба да се постигне договор“, рече тој.
Тој додаде: „Многу пати сум кажал дека сме подготвени за договор, отворени сме“. Зборувајќи за довербата, Путин се осврна на договорите од Минск. Станува збор за серија договори направени за ставање крај на војната меѓу руските сепаратисти и Украина во 2014 година. Преговорите ги водеа Германија и Франција, а Путин сега изјави дека овие земји ја предале Русија затоа што испраќаат оружје во Украина.
Следете не, не има насекаде