септември 22, 2024

Фудбалската репрезентација на Брегот на Слоновата Коска стана шампион на Африка третпат во историјата, откако во финалето на 34. издание на Купот на нациите, што се одржа во таа земја, во Абиџан пред 60.000 гледачи ја совлада Нигерија со 2:1.

Тоа беше петто финале на Брегот на Слоновата Коска и трето славје по 1992 и 2015 година, додека Нигерија остана на три титули во осумтеодиграни финалиња, последен пат беше најдобрата на „Црниот конинтент“ во 2013 година.

Иако едвај ја поминаа групата со една победа и два пораза, од кои еден беше токму против Нигерија, поради што тренерот Жан Луис Гасет доби отказ среде турнирот и тимот привремено го презеде Емерсе Фае, Брегот на Слоновата Коска на крајот стигна до самиот фудбалски престол.

Можеби клучната победа беше онаа во осминафиналето против бранителот на титулата Сенегал по изведувањето пенали. Тие потоа во четвртфиналето по продолженијата го совладаа Мали со 2:1, а победничкиот гол го постигна Оумар Диаките во 120. минута. Во полуфиналето „Слоновите“, како што ги нарекуваат, го победија ДР Конго со 1:0.

Во финалето Нигерија поведе во 38. минута со голот на Вилијам Труст-Еконг. Бекот на грчки ПАОК беше стрелец и во победата од 1:0 во групата. Сепак, овојпат домашните успеаја да направат пресврт во вториот дел. Франк Кесие израмни во 62. минута, а победата на домашните ја донесе Себастиен Халер во 81. минута.

Напаѓачот на Борусија Дортмунд во јули 2022 година откри дека има рак на тестисите, поради што беше опериран. По две операции и четири циклуса на хемотерапија, Халер на крајот на јануари минатата година му се врати на фудбалот, а една година подоцна на својата репрезентација ѝ ја донесе континенталната титула.

Во натпреварот за третото место, кој се одигра во саботата, Јужноафриканската Република со подоброто изведување пенали го совлада ДР Конго со 6:5.

За ЈАР ова беше четврти медал од африканските првенства, по златото во 1996 година, среброто во 1998 година и бронзата во 2000 година. ДР Конго, пак, по вторпат остана четврти, а има и две титули (1968, 1974) и две трети места (1998, 2015).

Следете не, не има насекаде

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Generated by Feedzy
mk_MK
mk_MK