Министерот изрази надеж дека ваквата реорганизација ќе го забрза издавањето на патните исправи со новото уставно име и ги пофали дипломатите кои работат во конзулатот во Бон
Министерот за надворешни работи Бујар Османи, кој деновиве учествува на Минхенската безбедносна конференција, денеска од Минхен отпатувал за Бон. Таму го посетил македонскиот Генерален конзулат, каде што македонските државјани може да аплицираат и да се фотографираат за нови патни исправи.
„Од Минхен дојдов во Бон, како прв министер за надворешни работи што некогаш ја посетил најпрометната конзуларна единица на нашата држава. Тука донесов и дополнителна станица за фотографирање и издавање пасоши, и сега се обидуваме да им помогнеме на граѓаните со два пункта, во две смени и за време на викендот“,
пишува Османи во објавата на Фејсбук.
Министерот изрази надеж дека ваквата реорганизација ќе го забрза издавањето на патните исправи со новото уставно име и ги пофали дипломатите кои работат во конзулатот во Бон.
Отворањето на дополнителната станица за издавање пасоши и патни листови Османи ја најави неодамна на прес-конференција, на која извести дека во македонските дипломатско-конзуларни претставништва има голем наплив за издавање патни листови со кои граѓаните може да се вратат во земјава за тука да извадат пасош.
Тогаш најави и дека освен отворањето на две мобилни станици – една во Германија и една во Италија – македонските ДКП ќе се доекипираат со дипломати и ќе се воведе двосменска и работа за викендите со цел побрзо и поефикасно издавање патни листови и нови пасоши за македонските државјани.