септември 21, 2024

Дополнителниот замени министер за внатрешни работи, Митко Бојмацалиев вечерва преку објава на неговиот фејсбук-профил информираше дека на граничниот премин „Богородица“ на македонско-грката граница пристигнале 140 000 обрасци за пасоши, а за многу кратко време, како што најавува, треба да пристигне уште една пратка од 85 000 обрасци

Според вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ предлогот на ВМРО-ДПМНЕ за измена на Законот за патни исправи, како решение за проблемот со пасошите, е несериозен и директно се коси со Уставот.  

Вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ / Фото: Влада на РСМ (Архива)

Продолжувањето на рокот на важење на валидните пасоши до крајот на годината, како што се предлага, вели нема да им помогне на граѓаните. Наместо законски измени, според вицепремирот треба да се разговара со компанијата која ги обезбедува обрасците за пасошите и да се постигне динамика со која целиот процес би завршил претстојното лето.  

„Ние би го разгледале (предлогот на ВМРО-ДПМНЕ н.з.) сериозно доколку помага. Но ние да продолжиме важност на пасошите за да тие важат дома, а да не можат граѓаните да ги употребат надвор, мислам дека е тоа нешто што граѓаните ќе ги доведе во уште потешка ситуација од таа во која што се сега. Наместо тоа ние на влада дискутиравме, разговаравме и побаравме од Министерството за внатрешни работи, да се разговара со компанијата која што го има тендерот за обезбедување на обрасци на печатење на пасошите, да се создаде една динамика во која што во најскор можен рок, во текот на летото комплетно да се заврши процедурата со сите пасоши“,

изјави Маричиќ по церемонијата на потпишувањето договори за пет грантови јапонска помош. 

За возачките и за сообраќајните дозволи со старото уставно име, чија важност со измени во Законот беше продолжена до крајот на годината, како што кажа, ситуацијата била поразлична бидејќи тие се користат на територијата на нашата земја. Но, кога станува збор за пасошите може да се влезе во сериозна правна несигурност, каде што граѓаните нема да знаат на кој аеродром или на кој граничен премин би биле запрени доколку немаат нови патни исправи. 

Вели дека некои држави се потолерантни во однос на настаната ситуација, но некои не се. Наша задача, како што додаде, е максимално да се забрза целиот процес на издавање на документите. 

„Да не заборавиме дека меѓународните договори не можат да се менуваат според Уставот со закон, а во нашиот Устав работите се јасно пропишани и сите обврски коишто се спроведуваат произлегуват од уставен закон, не произлегуваат од волја на една политичка партија. Затоа повикувам на одговорен однос од сите страни. Јас сум сигурен дека целиот тим во МВР прави сè што може и треба да продолжи да прави се што може, а Владата стои на располагање да помогне за граѓаните да добијат валиден пасош со кој ќе можат слободно да патуваат“,

изјави Маричиќ. 

Обрасци за пасоши со новото уставно име (Илустративна фотографија) / Фото: Архива

Во однос на динамиката на издавање на новите пасоши вели дека одговорот треба да го даде Министерството за внатрешни работи бидејќи има точен увид до кога може со оваа  или со зголемена динамика да се стаса со издавањето на документите. 

Дополнителниот замени министер за внатрешни работи, Митко Бојмацалиев вечерва преку објава на неговиот фејсбук-профил информираше дека на граничниот премин „Богородица“ на македонско-грката граница пристигнале 140 000 обрасци за пасоши.  

„Како што информирав претходно, покрај денешната пратка од 140 000 обрасци, за многу скоро време ќе пристигне уште една пратка од 85 000 обрасци, со што бројката од 225 000 обрасци се комплетира“,

напиша Бојмалацалиев. 

Според него досега се пристигнати 1 509 600 обрасци за патни исправи, а со оние кои што ќе пристигнат утре и до крајот на месецот вкупниот број ќе биде 1 734 600 обрасци. 

Тој упатува апел до граѓаните наврамено да ги поднесат барањата за промена на пасошите, а вработените во управните служби се на располагање за сите потребни информации и поддршка во процесот на поднесување, фотографирање и издавање на новите документи. 

Следете не, не има насекаде

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Generated by Feedzy
mk_MK
mk_MK