Предметот по кој постапувало Обвинителството е отворен по иницијативата на Антикорупциска, а против струшкиот градоначалник е поднесено обвинителен предлог, односно предметот ќе оди по скратена постапка. Тој се товари за кривичното дело злоупотреба на службената положба и овластување по член 353 став 4 од Кривичниот законик, за кое е предвидена затворска казна од една до пет години
Обвинителството за гонење на организираниот криминал и корупција (ОЈО ГОКК) по подолга истрага деновиве поднело обвинение против градоначалникот на Струга, Рамиз Мерко, за набавката на луксузниот автомобил „ауди“ на трошок на Општината.
Информацијата беше споделена на денешниот брифинг за новинарите што го организираше шефот на ова обвинителство, Ислам Абази, во новите простории на ОЈО ГОКК.
Дека е поднесе обвинение против Мерко соопшти обвинителката на самиот краја на брифингот најавувајќи ја информацијата со зборовите: „Последно, но не и помалку важно“, на англиски јазик.
Таа кажа дека предметот, кој бил отворен по иницијатива на Државната комисија за спречување на корупција (ДКСК) кој подоцна престигнал бидејќи, како што наведе, лутал во во обвинителствата.
„Поднесено е обвинение против Рамиз Мерко по иницијатива на ДКСК. Предистражната постапка беше макотрпна и конечно прибравме доволно докази“,
кажа обвинителката.
Против струшкиот градоначалник е поднесено обвинителен предлог, односно предметот ќе оди по скратена постапка, а се однесува на кривичното дело злоупотреба на службената положба и овластување по член 353 став 4 во врска став 1 од Кривичниот законик.
Инаку, Мерко ќе се гони согласно измените на КЗ кои претрпеа измени на 6 септември минатата година.
Според ставот 4 од Кривичниот законик за делото за кое ОЈО ГООК го сомничи Мерко е предвидена затворска казна од една до пет години.
„Ако сторителот од делото од став (1) на овој член, со намера прибави за себе или за друг значителна имотна корист или нанесе значителна имотна штета, ќе се казни со затвор од една до пет години“,
се вели во ставот 4 од членот 353 на КЗ.
Обвинението е поднесено во скопскиот Основен Кривичен суд. Но, доколку овој Суд се прогласи за ненадлежен да постапува по предметот, тој подготвен со сите докази ќе биде испратен во струшкото обвинителството за да може потоа по него да постапува Основниот суд во Струга.
Антикорупциска предметот против струшкиот градоначалник го отвори во мај 2019 година, а една година подоцна поднесе иницијатива до Обвинителството за негово кривично гонење. Иницијативата на Антикорупциска беше посочено на денешниот брифинг во најголем дел ги содржела наодите на Државниот завод за ревизија во врска со истиот случај.
Заклучоците на Антикорупциска беа дека Мерко ја злоупотребил службената положба и овластување со набавката на четири возила во вредност од 114 000 евра. Меѓу нив беше и набавката на луксузното „ауди“ во вредност од 67 000 илјади како службено возило за градоначалникот.
Она што беше спорно со набавката беше и тоа што таа беше реализирана додека Општината работеше со блокирана сметка поради долгови, за што Владата, како и за други општини со идентичен проблем, префрлаше средства од централниот буџет за покривање на долговите.
Инаку, против струшкиот градоначалник Државната комисија за спречување на корупцијата поднесе повеќе иницијативи до обвинителството, но во врска со нив засега нема обвиненија.
Името на Рамиз Мерко во јавноста се реактуализира минатото лето кога американскиот Стејт департмент го стави на „црната листа“ на САД поради вмешаност во значителна корупција.