ноември 24, 2024

Во издание на издавачката куќата Бегемот, излезе од печат книгата „Базирано врз речиси вистинити настани“ од Ѕвездан Георгиевски.
Во најновиот ракопис Ѕвездан Георгиевски ги истражува границите на романот како жанр на еден навидум парадоксален начин – однапред откажувајќи се од можноста да напише, односно да заврши еден роман. Ракописот е составен од шеснаесет почетоци, своевидни скици или идеи за роман, кои меѓусебно се поврзани само со тоа што се наоѓаат во истиот бележник за идеи на авторот.

Авторот, на прв поглед, се задоволува само со каталогизација на наративните потенцијали, без да чувствува обврска да ги систематизира и да воведе ригиден ред во хаосот. Но, повнимателното читање ни покажува дека токму наводната ослободеност од обврската да се доведат приказните до крај доведува до необична, шармантна, непретенциозна и заводлива лежерност во раскажувачкиот тон. Авторот ни дава увид во својата писателска работилница, добиваме своевиден пренос во живо од неговиот писателски work in progress: пред нас се изложени авторовите дилеми, амбиции, стравови, па и неуспеси… Тој ги претставува, ги сецира, а некогаш дури и ги изложува на потсмев своите идеи за романи што никогаш не се реализирани до крај. Радоста со која се раскажува за „неуспешното“ раскажување, како резултат донесува брилијанти прозни фрагменти. Без разлика дали ќе ги наречеме скици, раскази, поглавја или почетоци од романи, во хаосот од идејни концепти, тие функционираат и независно, но и како целина.

Ѕвездан Георгиевски е роден 1961 година во Јесенице, Република Словенија. Работел како новинар во повеќе редакции: „Нова Македонија“, „Пулс“, „Утрински весник“, „Глобус“. Еден е од основачите на „Канал 4“, првото приватно радио во Македонија. Основач е на наградата „Роман на годината“ што своевремено ја доделуваше „Утрински весник“, а сега ја доделува Фондацијата за унапредување и промоција на културните вредности „Славко Јаневски“.

Ги објавил книгите: „Недела дена во животот и смртта на Гроздан“ (роман, „Темплум“, 2016, второ издание „Темплум“, 2018), „Урбани топоними“ (есеи, „Темплум“ 2018), „Да не бидам покусо“ (раскази, „Просветно дело“, 2018) и „Плачеш како кит“ (Бегемот, 2023). Преведува од англиски и од јазиците на некогашните југословенски републики. Досега превел десетина книги. Уредил повеќе зборници, алманаси и списанија. Во моментот работи како извршен директор на Фондацијата „Славко Јаневски“.

Книгата е објавена со поддршка од Министерството за култура на РСМ.

Следете не, не има насекаде

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

mk_MK
mk_MK