При посетата на полициските станици „Ќафасан“, „Франгово“, „Џепиште“ и „Блато“, министерот Тошковски бил запознаен со нивната работа и проблемите со кои се соочуваат
Недостаток на кадар, немање униформи, но и работа во супстандардни услови се проблемите кои министерот за внатрешни работи во техничката влада Панче Тошковски ги евидентирал при неговата денешна посета на четири полициски станици кои покриваат дел од граничните премини и граничниот надзор на западната граница.
Тошковски бил во посета на полициските станици „Ќафасан“, „Франгово“, „Џепиште“ и „Блато“, каде бил запознаен со нивната работа и проблемите со кои се соочуваат.
Министерот вели дека на „Ќафасан“, каде е имплементиран системот „one stop“, кадровската пополнетост од само 37 отсто е причина што не може да се одговори на потребата од зголемување на бројот на активни ленти во една смена, нешто што е барање и од албанската страна.
Со недостаток од кадар, Тошковски вели дека се соочува и полициската станица за граничен надзор „Франгово“ каде во една смена, тројца полициски службеници ја покриваат граничната линија од 23 километри.
Она што според Тошковски е особено загрижувачко е состојбата на полициската станица за гранични проверки и граничен надзор „Џепиште“ која функционира со ограничено време на работа.
„Полициските службеници на овој премин работат во контејнер со супстандардни услови каде немаат вода. Исто така, во оваа станица не функционира систем за контрола и евиденција на патници и возила“,
вели Тошковски.
Слаба кадровска пополнетост од 35 отсто, Тошковски евидентирал и на граничниот премин „Блато“ каде поради тоа работела само една кабина, а во текот на денот тука поминувале по 2 200 патници.
„Од страна на вработените во оваа полициска станица ми беше посочено дека се соочуваат со недостаток на униформи, а го истакнаа и проблемот со голем број на случаи со шверц на добиток и несоодветните услови за чување на одземените животни. Во иднина треба да се разгледа и можноста за воведување на ‘one stop’ систем и на овој премин“,
додава министерот.