септември 20, 2024

Мислам дека е чесно кога ќе побарате мандат од граѓаните, после тоа да отидете и повторно да ги прашате што мислат за вас, вели потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Александар Николоски, кој како и на изборите во 2020 година, е носител на пратеничката листа во изборната единица 4, односно во струмичко-прилепско-кавадаречкиот крај, иако родум е од Охрид

Александар Николоски е гостин во новото издание на емисијата „360 степени“ на МРТ1

Речиси истата понуда на пратенички листи на ВМРО-ДПМНЕ како во 2020 година не значи криза на политичката понуда, станува збор за една од најдобрите пратенички групи што некоја партија ја имала некогаш. Ова е ставот на потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Александар Николоски, кој и самиот вторпат ќе се најде како носител на пратеничките листи во изборната единица 4 на претстојните парламентарни избори.

„Стојам позади тоа што го кажав, затоа што, ова е пратеничка група на ВМРО-ДПМНЕ која остана цврста на принципите и на она што го понуди ВМРО-ДПМНЕ. Секако, тука најзначаен e обидот за промена на Уставот, којшто ВМРО-ДПМНЕ го спречи. Ние зазедовме став како раководство на партијата дека уставни измени под бугарски диктат не прифаќаме, тоа го пренесовме на пратеничката група, поразговаравме со нив и тие го зазедоа истиот став и после тоа излеговме со тој став во јавноста. Се сеќавате дека претседателот на партијата Мицкоски рече дека ако еден пратеник гласа за уставни измени, тој ќе си поднесе оставка. Заврши овој парламентарен состав, се виде дека ниту еден пратеник од ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата не гласаше за уставни измени, што мислам дека е еден нов квалитет на политичката понуда во Македонија, каде што една политичка структура, раководство на политичка партија и пратеничка група во случајов, можат да си го одржат зборот и за мене тоа е врвен квалитет“,

вели Николоски.

На новинарска констатација дека за да издржат на тој став, пратениците на ВМРО-ДПМНЕ потпишаа нотарски изјави, Николоски коментираше дека тоа било за да се спречи пропагандата дека дел од нив ќе гласаат за уставни измени.

360°: Ги спомнувам нотарските изјави затоа што сакам да ве прашам дали пред ова кандидирање повторно потпишувавте нотарски изјави?

Николоски: Не, не, тоа беше повеќе поврзано со состојбата во јавноста која се создаде тогаш, која беше поврзана со пропагандата што одеше со јавност и ние рековме – ако треба, еве, и нотарски изјави ќе потпишеме. Така што, тоа беше повеќе за да се затвори таа пропаганда, отколку заради некоја суштинска промена на што било. Немаше суштинска промена, ние од старт рековме уставни промени нема да има под бугарски диктат и еве, ги нема.

Ако се погледнат носителите во останатите изборни единици од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, може да се заклучи дека освен Александар Николоски, кој е родум од Охрид, а живее и работи во Скопје, и е носител во „четворката“, односно во струмичко-прилепско-кавадаречката единица, сите останати се кандидираат во изборната единица од која потекнуваат.

На пример, партискиот лидер Христијан Мицкоски, кој е од Скопје, е носител во изборната единица 1, Владо Мисајловски од Ѓорче Петров е носител во „двојката“ во која припаѓа неговата општина, во „тројката“ е Драган Ковачки кој е роден токму таму – во Делчево, во петтата изборна единица носител е Ѓорѓија Сајкоски од Кичево, додека во „шестката“ Дафина Стојаноска, која е од Гостивар, општина која е дел од овој изборен регион.

360° : Испаѓа дека само вие не сте од регионот во којшто ќе бидете носител.

Николоски: Јас не сум првпат носител во четвртата изборна единица, бев и во 2020 г. и мислам дека е чесно кога ќе побарате мандат од граѓаните, после тоа да отидете и повторно да ги прашате што мислат за вас. 2020 година беше голем предизвик да се води четвртата изборна единица, имајќи предвид дека тогаш имаше голем судир со СДСМ, Зоран Заев беше од другата страна и мислам дека ќе беше нечесно од мене јас да заминам од тие луѓе, она што сум им го зборувал пред четири години да го заборавам и сега да се појавам на некое друго место. Втор дел во однос на личниот аспект, јас не се доживувам за локален политичар, никогаш не сум бил, нема ни да бидам, нема да ме видите никогаш на локална функција. Трето, ВМРО-ДПМНЕ во „четворката“ речиси и да немала носител којшто потекнува или живее таму, сите носители од ВМРО-ДПМНЕ пред мене, исто така, не биле носители оттмау. И четврто, можеби најзначајно за овие избори и мојот противкандидат не е од четвртата изборна единица по потекло.

Инаку, од главниот ривалски табор, носител во изборната единица 4 е Венко Филипче, а коносителка е поранешната министерка и актуелна дополнителна заменик-министерка за труд и социјална политика Јована Тренчевска.

Следете не, не има насекаде

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Generated by Feedzy
mk_MK
mk_MK