септември 20, 2024

Мицкоски вели дека развојот на Македонија и преговорите со ЕУ треба да се прават на фер начин, а Ковачевски вината ја гледа во опозицијата која не поддржала уставни измени, кои следуваат како обврска од прифаќањето на францускиот предлог

Промена на Уставот под овие услови нема да има, рече вечерва на Канал 5, Христијан Мицкоски, лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, на дуелот со лидерот на СДСМ, Димитар Ковачевски, на прашањето за францускиот предлог и исполнувањето на условот за внесување на Бугарите во Уставот, односно дали по изборите има шанса да се убедат да гласаат за уставните измени.

Ова е прво телевизиско соочување на двајцата претенденти за премиер, откако Ковачевски стана лидер на СДСМ.

Мицкоски вели дека развојот на Македонија и преговорите со ЕУ треба да се прават на фер начин, а Ковачевски вината ја гледа во опозицијата која не поддржала уставни измени, кои следуваат како обврска од прифаќањето на францускиот предлог.

„Позицијата сме ја објасниле, немам што да додадам освен да го осудам тоа што го направија Ковачевски и Пендаровски, прифаќајќи нешто што не го прифаќаат 85 отсто од Македонците“,

рече Мицкоски.

Според Ковачевски, Европската Унија и членството во ЕУ се единствената шанса за позитивни промени во нашата држава и тоа сите граѓани го знаат.

„За правење исчекор потребна е храброт и одлучност. Ние тоа го направиме. Јас бев тој кој преговараше за европскиот предлог. Тие преговори не беа лесни, се одвиваа во најнарушени односи со Бугарија. Кога преговарате со Бугарија, Франција и со други држави, а на маса беа прашања кои се однесуваат на македонскит идентитет, треба храброст и знаење. Ние низ тие преговори поминавме тежок период. Чувството кое го имав е како некој со нож да ви го сече стомакот. Но, вие треба да донесете одлука за иднината и за визијата на државата. Со неносење на одлуки државата назадува, останува на статус кво. Европскиот предлог е најдобриот предлог кој Македонија можеше да го добие. Предлог со кој имаме заштитен македонски јазик, македонска култура и идентитет дел од мозаикот на култура и идентитет на европските народи. И ние денес преговараме со Европската Унија“,

рече Ковачевски.

Мицкоски реплицираше и рече дека сега е повеќе загрижен од пред да се случи овој дуел.

„Ковачевски кажа дека тој бил човекот кој одлучувал за иднината на моите деца, но и за иднината на оние недојдени деца, но и за граѓаните во Македонија. Мислев дека некои поискусни луѓе биле во тој процес и носеле одлуки, а не опструирани претседатели на Влада. Сега сум уште позагрижен. Ова не сакав да го слушнам“,

рече Мицкоски.

Според него, да влезете во авантура да одлучувате за иднината на сите деца во државата, е капитулантски.

„Јас да сум бил на тоа столче, а се нудев да бидам поддршка на Ковачевски кога ќе преговара, ќе станев од столчето и ќе кажев не по било која цена. А не да седам и да се обидувам метафорично во каква состојба сум се наоѓал, како стомакот ми го парале. Тоа е срамота и понижувачки и не треба да се коментира. Којзнае што сѐ не било договорено во тие преговори, имајќи предвид кој ги бранел македонските интереси“,

вели Мицкоски.

Ковачевски, пак, му одговори на Мицкоски дека не е загрижен, туку е неодлучен, а, како што рече, тоа не е лидерска карактеристика.

„За разлика од политичари во ВМРО-ДПМНЕ, има политичари како мене, Пендаровски и други во СДСМ кои имаат храброст да донесат одлуки кои ќе обезбедат посветла иднина на македонските сегашни и идни генерации. А таа иднина е во Европската Унија, а не во изолација“,

рече Ковачевски.

Мицкоски тука повторно му рече на Ковачевски: „Не бидете нервозен, не се нервирајте“.

Ковачевски рече дека на 8 мај граѓаните ќе изберат европска иднина, а не враѓање во минатото или раскажување за минатото.

Мицкоски смета дека со промената на Уставот нема да обезбедиме членство во Европската Унија.

„Идентитетот никој не го спори. Кој се поклонуваше на отварање на Музејот, на театарот. Ве гледавме како аплаудиравте. Мораме да се фокусираме на реалните проблеми. Иднината на Македонија е во рамките на Европската унија, тука никој нема дилема. Секој кој е подготвен да разговараме врз основа на вистинските вредности и на копенхашките критериуми, како и сите земји членки разговарале“,

рече Мицкоски.

Ковачевски реплицираше и рече дека имаат план за Северна Македонија во Европа.

„Преговаравме шест месеци со француското претседателство и со Бугарија и добивме преговарачка рамка која 17 години ја немавме. Спроведовме скрининг за една и пол година. Тоа е првата фаза за преговорите со ЕУ. потоа следуваат уставните измени. Граѓаните ќе се определат. На 8 мај ќе ги видиме резултатите и ќе биде јасно дека Македонија ќе ја сроведе својата обврска. Точно знаеме со какви ресурси ќе преговараме. Знаеме дека до 2028 година ќе завршат преговорите и после две години ратификација до 2030 година С македонија ќе стане земја членка во ЕУ“,

рече Ковачевски.

Според лидерот на СДСМ, и Киро Глигоров го критикувале, но денес тој е запишан во историјата, како човекот која ја внесе Македонија во ОН.

„Се критикуваше и кога станавме членка на НАТО, денес сите се горди на членството во НАТО. Вие бевте горди кога бевме во Брисел, кога чешкиот министер за надворешни работи кажа преговорите со Македонија ги прогласувам за отпочнати. Формално се отпочнати, но заради блокадата која тука ни се случи, тука во македонија, ние имаме застој. Кој го блокираше зачленувањето во НАТО? Неодлучноста на претходникот на господинот Мицкоски“,

рече Ковачевски.

Според Ковачевски, С Македонија ќе ги донесе уставните измени, а Мицкоски возврати дека тоа го слушаат две години.

Во однос на договорот за добрососедство, Ковачевски смета дека добрососедските односи се клучни во однос на интегрирањето на ЕУ и НАТО.

„Договорот за добрососедство е всушност вториот договор по тој со Грција за членство во НАТО. Со него се дава начин како да се гледа на иднината, Јас кога дојдов на чело на Владата веднаш се сретнав со бугарскиот премиер, аа потоа формиравме и работни групи. И во тоа време постоеја поединци, групи, политички партии кои не сакаа да постигнеме договор. Успеавме да го исполниме нашиот дел од таа преговарачка рамка“,

вели Ковачевски.

Според Мицкоски, не се исти Преспанскиот договор и тој со Бугарија, зашто едниот е билатерален, а тој со Грција бил со посредство на Метју Нимиц.

„Мислам дека после потпишувањето на договорот добрососедските односи не се веќе добрососедски. Се оддалечивме, се помалку Македонци одат во Бугарија и обратно. Ако го погледнете протоколот 2 кој го потпиша Османи, е дека историксата комисија се охрабрува да ја заврши својата работа пред Македонија да стане земја членка во ЕУ. Која е логиката на Македонија да преговара со разлика на мотивите на бугарската страна“,

рече тој.

Ковачевски рече дека ВМРО-ДПМНЕ нема план како Македонија да стане земја членка на ЕУ.

Според Мицкоски, билатералниот договор со Бугарија е дел од преговарачката рамка, веднаш под копенхагешките критериуми.

„Ако не сте го знаеле ова и ако ова ви помогне да се разбудите од басната која ја кажувате. Протоколите се составен дел од билатералниот договор кој е составен дел од преговарачката рамка. И тука е направена клучната грешка. Ова ние сега ќе треба да го враќаме на ниво да разговараме на основа на копенхагешките критерими, а не на основа на билатерални договори“,

вели лидерот на ВМРО-ДПМНЕ.

Следете не, не има насекаде

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Generated by Feedzy
mk_MK
mk_MK