– Јужна Украина и ноќеска беше погодена од напади од Русија, која лансираше беспилотни летала во Одеса, додека украинските сили возвратија во Мелитопол, град во регионот Запорожје, соопштија официјални лица од двете страни.
Украинската армија соопшти дека во саботата соборила 10 беспилотни летала, но дека пет од нив погодиле енергетски објекти, оставајќи 1,5 милиони луѓе без струја, јави денеска Би-Би-Си.
Подоцна украинскиот градоначалник на Мелитопол објави дека е извршен напад врз тој град кој е под контрола на Русија.
Во рускиот напад со беспилотни летала врз украинското пристаниште Одеса вчера, дронови од иранско производство беа користени за гаѓање на клучната инфраструктура, соопштија украинските власти.
Украинскиот претседател Володимир Зеленски во синоќешното видео обраќање рече дека ситуацијата во регионот на Одеса е многу тешка.
„За жал, ударите беа критични, така што ќе бидат потребни неколку дена да се врати електричната енергија“, рече тој.
Москва од октомври ја гаѓа енергетската инфраструктура на Украина со проектили и беспилотни летала.
Во Мелитопол, проруските власти објавија дека две лица загинале, а 10 се ранети во ракетен напад, додека украинскиот градоначалник во егзил Иван Федоров изјави дека се убиени десетици „освојувачи“.
„Системите за противвоздушна одбрана уништија два проектила, четири стигнаа до целта“, изјави преку Телеграм гувернерот на окупираниот дел на Запорожје, Евгениј Балицки, кој беше назначен од Москва.
Тој рече дека одморалиштето во кое луѓето јаделе било уништено во украинските напади со ракети Химарс.
Следете не, не има насекаде