Дино Мерлин, Жељко Јоксимовиќ, Дубиоза Колектив, Џибони, Здравко Чолиќ се меѓу балканските музички ѕвезди кои ќе бидат задолжени за музичката програма околу празниците.
Регионални ѕвезди или домашни артисти ќе се погрижат за забавата на новогодишната ноќ на повеќето плоштади во главните градови и туристичките центри во земјите од опкружувањето. Некаде градските се погрижија за богата програма, а други метрополи имаат поскромна понуда. Во продолжение прочитајте во чија музика ќе можат да уживаат оние кои за Нова Година ќе се најдат во Скопје, Белград, Сараево, Приштина, Тирана, Будва, Котор, Тиват…
Елена Ристеска во Скопје
Годинава во главниот град на Северна Македонија предновогодишната атмосфера е поскромна од она на што навикнале граѓаните на Скопје. За разлика од минатите години, со исклучок на годините со пандемија на Ковид-19, во центарот на градот можеа да се видат различни содржини за сечиј вкус. Овој пат на градскиот плоштад можат да се видат помалку содржини. Музичката програма за 31 декември не е објавена. Единствено судејќи според нејзините објави на Инстаграм за забавата на скопјани ќе се погрижи пејачката Елена Ристеска.
„На 31 декември, ве поканувам на Плоштад Македонија во Скопје, за заедно да ја дочекаме новата 2023 година. Конечно македонска музика ќе ечи на нашиот плоштад”, објави Елена.
Според одредени информации во медиумите, на плоштадот во Скопје ќе настапат и „Саут Парк”, „Дупер”, Зуица Лазова, Наум Петрески и други изведувачи.
Две прослави во Белград
Во Белград организирана прослава на Новата година ќе има на две локации. На плоштадот пред Парламентот и на „Белград на вода”. Градските власти одлучија на „Белград на вода” за забавата да бидат задолжени Жељко Јоксимовиќ, Јелена Томашевиќ и Марк Луис.
Додека на прославата на плоштадот пред Парламентот ќе има забава за помладата публика. Таму ќе настапат Теодора Џехверовиќ, Михајло Веруовиќ Војаж, Игор Паниќ – Нучи, Марине Перезовиќ и Газда Паја.
Сараево нуди забава со Дубиоза Колектив
Сараево за новогодишната прослава оди на проверена варијанта. Оние кои за новогодишната ноќ ќе се најдат во престолнината на Босна и Херцеговина ќе ги забавува групата Дубиоза Колектив.
„Ќе мирисаат ќебапи, буреци и пити во улицата на другарот Тито. Новата година чука на врата. Ајде заедно, ајде весело ќе свири Дубиоза колектив”, порачаа членовите на бендот преку видео на Јутјуб.
Џибони и Мерлин во Будва, Здравко Чолиќ во Котор
Главниот град на Црна Гора нема да има организирана прослава на плоштадот. Но, затоа пак другите туристички центри ќе бидат домаќини на дел од најголемите балкански ѕвезди. Будва ќе има тридневна програма. Дубиоза Колектив освен во Сараево настапи и во Будва, на 30 декември. На 31 декември настапуваат Џибони, Констракта и диџејот Кирил Џајковски. Додека на 1 јануари посетителите ќе уживаат во музиката на Дино Мерлин и Сара Јо.
Здравко Чолиќ ќе настапи во Котор, а Жељко Бебек ќе ги забавува оние кои ќе одлучат Новата година да ја дочекаат на плоштадот во Тиват.
Домашни изведувачи во Приштина?
Засега нема официјални информации за тоа кој ќе настапува на централните прослави во Приштина и Тирана. На денот кога на плоштадот Џорџ Буш во Приштина започнаа предновогодишните активности општинските власти се одлучија за домашни изведувачи. Групите „Стринг стринг“ и „Окарина” беа задолжени за забавата.
TRT Balkan
Следете не, не има насекаде