јули 6, 2024


Документите на царското семејство Романови, кои содржат писма, фотографии и цртежи, покажуваат дека царското семејство знаело дека болшевиците ќе победат. Таа архива била однесена во Европа од членовите на царското семејство кои бегале од немирите и прогонствата за време на револуцијата во 1917 година, а подоцна биле во приватна колекција во Лондон.

Документите своевремено биле купени за повеќе од 70.000 евра од руската државна банка Сбербанк, а денес се изложени во музејот во Царско село (Царское село), поранешната летна резиденција на царевите, на периферијата на Санкт Петербург.

„Тие писма и телеграми ни го откриваат секојдневниот живот на царското семејство чии членови многу се сакаа“, изјави за АФП Ирина Распопова, кустос во музејот. Таа вели дека овие документи се од голем интерес за истражителите и дека е среќа што се пронајдени.

Меѓу приближно 200 документи е и преписката меѓу последниот руски цар Николај II и неговата сопруга Александра Федоровна, неговиот татко Александар III и неколку други членови на семејството Романови од 1860 до 1928 година.

„Не е многу добро. Но, уловив и убив осум фазани“, напишал императорот Александар III во писмото до неговата ќерка Ксенија, пронајдено во плико со ознака „Телеграма од папата. 1894 година“, година во која царот умира.

Документите се напишани на руски, француски и на англиски јазик, на хартија пожолтена со времето, на кои се монограмите на семејството Романов или имињата на хотелите во кои престојувале за време на патувањата.

Покрај разменетите писма, има и цртеж од замокот нацртан од детето на царицата Марија Фјодоровна, сопруга на Александар Трети, или честитка за православниот Велигден што ја нацртала сопругата на Николај Втори и ја испратила на нејзиниот татко.

Збирката писма и телеграми покажува до кој степен животот на Романови бил потресен од настаните од 1917 година, кои завршиле со доаѓањето на болшевиците на власт и со убиството на царот Николај II и неговото семејство.

„Продолжуваме да се лизгаме по падина и не е тешко да се замисли што не чека“, напишал принцот Николај Михајлович во 1918 година, неколку месеци пред неговото погубување по наредба на новите болшевички власти. Вујкото на Николај II во своите писма пишува за револуционерната атмосфера што тогаш владеела во Санкт Петербург, кој останал главен град на болшевичка Русија до 1924 година. Тој ги споменува Ленин и Троцки и рациите извршени во неговата палата.

„Сите врски меѓу револуционерите се прекинати… Веќе не се слушаат топови, но тоа е неизбежно. Болшевиците веројатно ќе победат“, напиша тој на 25 октомври 1917 година (7 ноември според сегашниот календар), денот на нападот на Зимската палата и болшевичкото преземање на власта од Привремената влада.

„Сега сите наши пријатели се подготвуваат да стигнат до место каде што нема повеќе радост или тага“, пишува принцот Николај во своето последно писмо од февруари 1918 година.

Следете не, не има насекаде

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Generated by Feedzy
mk_MK
mk_MK