Три лица, меѓу кои и грчки државјанин, се уапсени поради инцидентот на сплавот „Фристајлер“ во Белград што се случи на новогодишната ноќ кога тој објект почна да тоне, објави српската национална телевизија РТС.
Сослушувањето на приведените е закажано за утре.
Тројцата се уапсени поради сомнение дека сториле кривично дело „тешко дело против општата безбедност со намера да предизвикаат општа опасност“.
Тие се сомничат дека на 31 декември 2022 година дозволиле да се качат на платформата поголем број луѓе од капацитетот на објектот, поради што тој делумно потона и со тоа беше загрозена безбедноста на голем број луѓе.
На осомничените им е одреден притвор до 48 часа.
Ноќниот клуб „Фристајлер“ почна да тоне на новогодишната ноќ, поради преоптовареност. Полицијата по инцидентот соопшти дека сите гости се евакуирани.
Градоначалникот на Белград, Александар Шапиќ изјави дека причината за потонувањето на сплавот е тоа што на него се качиле два до три пати повеќе луѓе од дозволеното. Тој најави дека ќе има построги контроли и казни и дека виновниците ќе бидат кривично гонети.
Следете не, не има насекаде