јули 6, 2024

ВТОР ДЕЛ: ПОПИСОТ ВО АЛБАНИЈА, АСИМИЛАЦИИТЕ НА МАКЕДОНЦИТЕ, ПОПИСИТЕ ВО БУГАРИЈА ПО II СВЕТСКА ВОЈНА И ЃОРЃИ ДИМИТРОВ (18 јуни 1882 – 2 јули 1949)

ИСТОРИСКА ЛАГА Е ДЕКА МАКЕДОНЦИТЕ (ИЛИ БИЛО КОЈ ДРУГ НАРОД) ВО ОДРЕДЕНИ ОКОЛНОСТИ НЕ БИЛЕ И НЕ МОЖЕ ДА СЕ АСИМИЛИРААТ

Асимилацијата е процес преку кој една културна или етничка група делумно или целосно се апсорбира во друга, често доминантна културна или етничка група, која доминација е резултат на одредени околности во одредено време. Постојат различни видови на асимилација (етничка, културна, верска, јазична итн), истатс може да биде доброволна или принудена. Често асимилацијата се јавува како резултат на различни политички, економски и социјални фактори. Во секој случај тоа е древна појава.

Нашите предци децении и векови наназад биле предмет на различни видови асимилација, но во прв ред доминирале тенденциите за етничка, верска, јазична и културна асимилација, а во современата историја позабележливи се тендециите на властите на Османлиското царство, и секако претежно од втората половина на 19. век постои трката за асимилирање на христијанското население во Македонија и по првите форми на креирање макеоднска национална свест и Македонците. Тој процес и таа тенденција околните народи и нивни цркви започнуваат да го спроведуваат главно по добивањето статус на кнежевста, автохефслност на нивните цркви или дури во време кога истите се во шизма, и уште повеќе кога имаат полна независност. Доминантни во тој дел и во тој период се Бугарија, Грција и Србија. Не точно е дека немале успех во тоа. Напротив имале.

Бугарија ја добива таа висока автономија како кнежевство во најголема мерка и пресудно благодарение на победата на Русија во руско турската војна (1876-1878), нејзината стратегија да формираат своја сателит држава и се разбира помогнале и напорите на нивните патриоти Васил Левски, Христо Ботев, Георги Раковски, Љубен Каравелов, Стефан Караџа, Хаџи Димитар, Петко Славејков и плејада други нивни современици и борци.

Така Бугарија порано создала држава со инстититуции, на која и претходи декретот или ферманот за автохефслност на Султанот Абдул Азис во 1870 година, оспорен од цариградската патријаршија со прогласување шузма на бугарската егзархија во 1872 година, па се до 1945 година кога истата и дава статус на автохефслност.

Стотици и стотици илјади христијани во Македонија, а најголем дел веќе со делумно или целосно оформена македонска национална свест во периодот што следувал биле асимилирани на разни начини, главно преку црквите благодарение и на милет системот во османлиската империја и црковните училишта до 1912 година или подоцна преку државните училишта, присилно, со силна пропаганда, со примамливи привилегии, закани, втерување страв, итн.

За периодот на асимилацијата на македонското население во периодот од 1870 година кога бугарската егзархија добива свој статус, и особено од 1878 година кога Бугарија станува кнежевство со своја власт, институции и широка автономија многу блиска до целосна независност, досега имам повеќе пати пишувано, кога пропагандата и асимилацијата главно се случуваат преку црквата и црковните училишта.

Затоа тој дел сега ќе го изоставам и ќе се фокусирам на пописите и она што се случуваше во Бугарија, по втората светска војна, во ерата на Георги Димитров (генерален секретар на БКП од 1945-1949 год), и после него.
До превртот во септември 1944 година, во Бугарија по смртта на Цар Борис Трети во август 1943 година имало состојбата кога неговиот наследник Симеон Втори е сеуште малолетен, па земјата била раководена од регентски совет во кој членувале Принц Кирил Преславски (Кирил Саксобургготски, брат на починатиот цар Борис III и чичко на малолетниот цар Симеон II), премиерот на Бугарија во тоа време Богдан Филов и Никола Михов, Генерал и министер за војна.

По влегувањето на советските трупи во Бугарија и државниот удар што го извршила Отечествениот фронт, регентскиот совет бил уапсен и членовите стрелани, а новата влада презела контрола врз државата, па потоа државата ја раководат Кимон Георгиев (премиер од септември 1944 до ноември 1946 год.), и понатаму премиери или т.н. претседатели на президиумот на народното собрание (ППНС) што во суштина е шеф на државата или претседател, како Васил Коларов ППНС (од 15 септември 1946 до 6 декември 1947 година, Георги Димитров премиер (1947-1949),Васил Коларов повторно од 1949 по смртта на Георги Димитров, па до неговата смрт во јануари 1950 година како премиер, Минчо Нејчев (1950-1954), Георги Дамјанов (1954-1958), Антон Јотов премиер (1958-1962), Димитар Ганев (1958-1964), Георги Трајков (1964-1971), Тодор Живков (1971-1989) итн.

Ѓорѓи Димитров бил бугарски политичар со македонско потекло од пиринска Македонија, бил раководител на Бугарската комунистичка партија и раководител на Комунистичката интернационала (позната како Коминтерната или Трета Интернационала од 1919 до 1943 година), која била меѓународна комунистичка организација создадена во Москва во март 1919 година.

Димитров станал најпрвин член на Бугарската работничка социјалдемократска партија во 1902 година, а вече следната година, кога настанува расцеп во партијата на тесни и широки социјалисти, Димитров се приклучува кон крилото на тесните социјалисти.

Во 1909 станува тој станал член на ЦК на БСДРП и секретар на Сојузот на револуционерни синдикати на Бугарија. По Октомвриската револуција бугарските тесни социјалисти се приклучиле кон Коминтерната, а на нејзиниот Трет конгрес земал учество и Димитров. По неуспешното Септемвриско востание во 1923 година во Бугарија, Димитров бил осуден на смрт и е принуден да пребегне во СССР, каде земал учество во апаратот на Коминтерната, но од 1929 до 1933година тој паднал немилост кај Сталин и советското раководство поради несогласувањето со политиката на Коминтерната кон социјалдемократијата и фашизмот по 1928 година.

Но набрзо Димитров се стекнал со светска слава кога при Лајпцишкиот процес организиран од германските нацисти со цел да се обвинат комунистите за палањето на германскиот Рајхстагот во 1933, многу успешно се одбранил и успеал да биде ослободен од обвинението. Поттикнат од оваа слава и стекнат имиџ при овој процес, Сталин во 1934 го поставил на чело на Коминтерната.

Димитров ја вршел функцијата генерален секретар на Коминтерната сè до нејзиното распуштање во 1943.
По доаѓањето на власт на Отечествениот фронт во Бугарија во септември 1944година, Димитров останал во СССР, а во Бугарија се вратил откако таа била прогласена за народна република, по референдумот од 15 септември 1946 година.
Набрзо, во ноември 1946 година Димитров бил избран за премиер на Бугарија.

Во декември 1946 во Бугарија бил извршен првиот повоен попис на населението. Првпат во историјата на Македонците во Бугарија им било дозволено слободно да ја изразат својата национална определба. Бугарската историографија се обидува да изгради негативен лик на Димитров како божемен предавник на бугарската национална идеја. По падот на комунизмот, мавзолејот на Димитров во центарот на Софија во 1999 година беше разнесен со експлозив. Со тоа бугарските власти веројатно сакале и физички да го избришат споменот на неговото постоење.

Коминтерната имала за цел да се бори „со сите расположливи средства, вклучувајќи и вооружени, за отфрлање на меѓународната буржоазија и за создавање на една меѓународна Советска република како преодна фаза до целосно укинување на државите“. Бил и премиер на Народна Република Бугарија од 1946 до својата смрт. На тој начин може да се каже дека клссниот елемент е на прво место во таа доктрина, а националниот, етничкиот, па и државно-политичкиот е подреден на класната цел, во смисла дека клучно било идеолошката цел за воведување на комунизмот во целиот свет, и во таа насока овие сили биле подготвени на помалите народи да им помогнат или овозможат државност доколку ја прифатат комунистичкста идеологија во новото општество и држава. Во едни такви околности човекот кој повеќе години бил водач или поточно генерален секретар на коминтерната станува моќен и авторитетен партиски водач во Бугарија а подоцна и премиер. Тоа е Георги Димитров.

Што е карактеристично за овој период, а поврзано со Македонците во Бугарија?
1.Првиот период (1945-1948) е период на признавање. По Втората светска војна и во контекст на соработката меѓу Југославија и Бугарија, Бугарската комунистичка партија ги признава Македонците како национално малцинство и нивниот идентитет, како засебен од бугарскиот.

Во овој период, властите во Бугарија започнуваат да поддржуваат културни активности и образовни програми на македонски јазик. Се отвораат училишта каде што се предава на македонски јазик и се издаваат учебници на македонски, а учители од тогашната НР Македонија се испраќаат во пиринска Македонија да држат настава. Се формираат македонски културни друштва и институции кои ја негуваат македонската култура и јазик. Се прават театарски престави на македонски јазик и многу драмски престави од НР Македонија гостуваат во Бугарија, и се органзираат разни други манифестации и настани.

Потоа следува периодот на репресија на Македонците (1948-1963). Тогаш се случува резолуцијата на Информбирото против Југославија која е донесена на 28 јуни 1948 година. Оваа резолуција ја осуди југословенската комунистичка партија предводена од Јосип Броз Тито за отстапување од марксистичко-ленинистичките принципи и за „антисоветска“ политика. Резолуцијата доведе до изолација на Југославија од остатокот на Источниот блок предводен од Советскиот Сојуз. По ова разединување кое се поклопува со смртта на Георги Димитров на 2. јули 1948 госина, Бугарија, која беше на страната на Советскиот Сојуз, започнува нова ера со политика на асимилација кон Македонците, иако и во пописот во 1946 година забележани се тенденции кои се на штета на Македонците, за што подолу ќе де дообјасни.
Сите македонски културни и образовни институции се затворени. Започна нов период на асимилација на Македонците и почеток на притисок на Македонците да се изјаснуваат како Бугари. Македонците се принудени да се изјаснуваат како Бугари и се забранува употребата на македонскиот јазик во јавноста.

Многу македонски активисти се прогонувани, затворени или депортирани.

Следниот период е период на затишје и контрола (1963-1989). Тоа е период на постепеното нормализирање на односите меѓу Југославија и Бугарија. Политиката кон Македонците станува помалку агресивна, но асимилацијата продолжува. Бугарија постепено се повлекува од агресивната политика на асимилација, но не ги обновува правата и институциите на Македонците.

Македонската култура и идентитет се контролираат и ограничуваат од страна на државата. Македонците остануваат без официјално признати права и институции. Бугарската држава продолжува да ја контролира нивната култура и идентитет.
Пописите во тој период се во 1946 година, па во 1956, 1965 итн, но клучни за анализа на пресвртот се овие три.
Па така во 1946 година попишани се 187.680 Македонци. На пописот во 1956 година попишани се 178.823 Македонци, а веќе во 1965 година, за само 9 години бројот на Македонци не природно нагло опаѓа на 8.750 Македонци за на следниот попис во 1975 година да нема попишан ниту еден Македонец.

Сосема јасно е дека наглото намалување на бројот на Македонци не е резултат на природен процес на изумирање или отсекување на Македонците од Бугарија, туку на политички инжињеринг кој е дел од тенденцијата за асимилација на Македонците во Бугарија, поточно на недемократски начин, со репресии, забрани, непризнавање, отфрлање и слично, го олеснува и забрзува тој процес. Во тој дух во прилог на овој текст сакав да објавам видео линк од една интересна изјава и сведочење на една бугарка која директно учествувала во фалсификувањето на пописот на Македонците во Бугарија, која во изјавата вели: “За една ноќ 360 жители од Македонци ги напишавме Бугари. Едно момче не се пиша Бугарин. Страв ми е да зборувам. Го скршија од ќотек додека не му го сменија пасошот“. Но, оваа изјава која пред неколку дена ја забележав на социјалната мрежа Х денес веќе не е можно да се отвори, што исто така говори за ангажманот за задскривање на секој можен доказ по ова прашање од страна на оние кои ја спроведуваат оваа политика.
По пописот во 1956 година Бугарија започнала и насилни раселување на дел од Македонците од пиринска Макеоднија, најчесто во регионите на црното море, со цел да биде разбиен хомогеност македонски елемент во пиринска Македонија, но најголемиот фокус е на следните пописи каде попишаните како национални Македонци, во делот “Македонец” било пречкртувано и напишано “Бугарин”, што може да се види подолу и во една од фотографиите од пописот во градот Гоце Делчев (Неврокоп), од каде јасно се гледа како бугарската власт ги фалсификувала пописите.

Но, интересно е дека дури и пописите во 1946 и 1956 година во Бугарија, во однос на Македонците се не целосно точни и постои делумен фалсификат во правец на вештачко намалување на нивниот број.

Како што веќе забележав на пописот во декември 1946 година се попишале 187.680 државјани на Бугарија кои етнички се изјасниле за Македонци.

Во продолжение неколку цитати од монографијата на професор д-р Васил Јотовски (1944-2021), според истраженото во архивите, кој докторирал на темата „Пиринскиот дел на Македонија во периодот 1948-1968“ и работел во институтот за национална историја во периодот 1976-2009 година согласно. Извадокот е од неговото дело и научно истражување “Национална афирмација на Македонците во пиринскиот дел на Македонија (1944-1948)”.

“Постоењето на македонската нација и државност во рамките на југословенската федеративна заедница, како и посебноста на македонскиот национален индивидуалитет во Пиринскиот дел на Македонија, од страна на обичниот бугарски граѓанин и прогресивните општествено-политички партии и организации по 9-ти септември 1944 година, во Бугарија биле прифатени како реална стварност. Таквиот позитивен однос на бугарското прогресивно општество кон македонската нација и државност особено се чувствувал во периодот кој е тема на нашиот труд. Во тој таканаречен димитровски период во Бугарија, Македонците од Бугарија, особено Македонците од Пиринскиот дел на Македонија, во рамките на културната автономија ги уживале речиси сите национални слободи и права. Едно од тие права претставувал и чинот на јавната и јасна национална самоопределба на Македонците при првиот повоен попис на населението во Бугарија што бил извршен во декември 1946 година. Првиот повоен попис на населението во Народна Република Бугарија за бугарскиот народ претставувал обичен административно-чиновнички настан и со него се утврдувал бројот на целото население на Бугарија, неговата национална, полова, старосна, верска и друга структура кој редовно на секои десет години го спроведувала бугарската државна статистика. Но за Македонците од Пиринскиот дел на Македонија тој попис претставувал настан од посебно национално значење. Во долговековната историја на Македонците, по сите меѓународни норми, за првпат им било овозможено, на еден попис да ја изразат својата посебна национална припадност. Уште повеќе што првиот попис на населението во Народна Република Македонија бил извршен во 1948 година.

Меѓутоа, наспроти позитивниот однос на бугарското прогресивно општество, бугарската реакционерна великобугарска опозиција тешко се ослободувала од наследството на старата политика на срушениот буржоаско-монархистички режим, и уште потешко ја прифаќала таквата реална стварност на постоење на македонската нација со сопствена држава. Таа великобугарска реакционерна опозиција, по своето битие, секојпат била антимакедонска. За одбележување е фактот дека таквите нејзини ставови на негирање на македонската нација и држава особено дошле до израз во подоцнежната државна политика на Бугарија. Најдоследен подржувач на таквата политика била бугарската историографија која исцело се ставила во служба на бугарската дневна политика. Во бугарската историографија посебно место му се посветува токму на т.н. димитровски период, во чии рамки македонските национални права и слободи го достигнале највисокиот степен на остварување. Заради тоа, најновата бугарска историографија со сите сили настојува, тој период да го прикаже како период во кој биле правени најкрупните “грешки”, “заблуди”, дури и “родоотстапништво” од бугарските национални интереси во полза на македонскиот народ и нација. Покрај многубројните фалсификати и прекројувања на историските факти, бугарската историографија упорно се обидува да даде искривена слика и на резултатите за националниот состав на населението во Пиринскиот дел на Македонија од првиот повоен попис на населението извршен 1946 година. Тие резултати, бугарската историографија сака да ги прикаже како резултат на божемниот притисок што го вршеле Комунистичката партија на Југославија, односно Федеративна Народна Републка Југославија, Комунистичката партија на Македонија, односно Народна Република Македонија, а нивниот притисок, според бугарската историографија, бил вршен преку Комунистичката партија на Бугарија, односно Бугарската работничка партија (комунисти), како што тогаш била именувана, и нејзината раководна улога во тогашното бугарско општество. Меѓутоа, таквиот пристап и толкување на очигледните факти и резултатите од првиот повоен попис во Бугарија што сака да ги наметне бугарската историографија со научна анализа на документите од тој период лесно и едноставно се оборуваат. Имено, познато е дека, кога биле правени подготовките за првиот повоен попис во Бугарија, бугарската државна администрација намерно или не, во пописните листи не ја одбележала македонската национална припадност во посебна графа. Меѓутоа, таквиот пропуст не останал незабележан од страна на македонскиот народ. И под притисок на јавноста, државните органи, поточно Обласниот комитет на Отечествениот фронт издал проглас со кој му се укажувало на населението дека при пописот, секој може слободно да ја искаже својата македонска национална припадност. Меѓутоа, тука е потребно да го истакнеме фактот дека прогласот бил објавен во весникот “Пиринско дело” на 30 декември 1946 година, а пописот на населението отпочнал на 25 декември. Што се однесува за бројната македонска емиграција која живеела во Бугарија, таа била известена преку весникот “Македонско знаме”, дури на 6 јануари 1947 година, кога пописот бил практично завршен.

Отсуството на посебна графа за македонската национална припадност и доцното објавување на прогласот за слободното изјаснување, сами по себе кажуваат колкав и каков бил “притисокот” на бугарските државни и партиски органи во полза на Македонците и нивното определување како посебен национален индивидуалитет. Но, да се вратиме на самиот попис и резултатите од него.

Во нашата досегашна историографија и публицистика, најексплоатиран документ за резултатите од првиот повоен попис на населението во НР Бугарија, односно Пиринскиот крај, е оној што ги содржи неофицијалните податоци што биле објавени во весникот “Пиринско дело” на 30 декември 1946 година, во истиот број кога беше објавен и прогласот за слободното национално определување на Македонците. Според тој неофицијален извештај од пописот, положбата во Пиринскиот дел на Македонија била следната:

Петрич 85-90 проценти Македонци
Свети Врач 80-85% Македонци
Неврокоп 60-65% Македонци
Разлог 55-60 % Македонци
Горна Џумаја 45-50% Македонци

Таквата состојба на националната структура на населението во Пиринскиот дел на Македонија што била понудена преку весникот “Пиринско дело”, без никаква аргументирана и научна критичност, од страна на нашата историографија, публицистика, а во најново време и од нашата дипломатија, била прифаќана како сосема веродостојна. Меѓутоа, покрај овие неофицијални податоци, познати ни се и неколку официјални показатели за бројноста и националниот состав на населението од тој дел на Македонија. Истите тие податоци се дадени во вид на документи изготвени од страна на бугарските државно-административни органи на власта.

Според пописот на населените места во Бугарија, што бил направен во 1945 година, Пиринскиот крај административно бил поделен на пет околии Горноџумајска, Неврокопска, Петричка, Разлошка и Светиврачка….

….Вкупно во Пиринскиот дел на Македонија, според овој документ, имало 60 општински центри, 267 населени места и 206.814 жители. При овој попис на населените места, националната припадност на населението не била посебно евидентирана..

Наспроти пописот на населените места од 1945 година, во пописот што бил направен на учениците што требало да ја посетуваат наставата во учебната 1946/1947 година, на секој ученик му била забележувана и неговата национална припадност. Според тој полис што го направила Обласната училишна инспекција, односно обласниот училиштен инспектор, националниот состав на учениците во Пиринскиот дел на Македонија, бил следниот:

Во Горноџумајската училишна околија како Македонци биле евидентирани 7.460 ученици, како Бугари 820, како Цигани 69, како Турци 28, Евреи 11, останати народности 5, а во посебна графа биле евидентирани уште 116 Македонци муслимани, односно мухамедани, како што стои во документот. Ако направиме една мала анализа на податоците за националниот состав на учениците од Горноџумајската училишна околија, ќе дојдеме доследните сознанија: од вкупниот број на ученици во Горноџумајската училишна околија кој изнесува 8.509, 87,50% по националност биле Македонци, 9,79% Бугари, 1,38% Македонци со муслиманска вероисповед, 0,33% Турци, 0,82% Цигани, 0,13% Евреи и 0,05% ос- танати народности.

Ако пак овие податоци ги споредиме со резултатите од неофицијалниот извештај од пописот од 1946 година и националната определеност на населението од Горноџумајската околија при тој попис, сам по себе се наметнува заклучокот дека неофицијалните се или неточни, или пак учениците, спротивно на национална определеност на своите родители, се декларирале како нешто друго, односно како Македонци. Меѓутоа, тоа е малку веројатно, поверојатен е заклучокот дека родителите, плашејќи се од репресалии какви што имало, во не толку далечното минато, својата национална припадност ја искажувале преку своите деца. Според тоа, овие анализи покажуваат дека националниот состав на населението во Горноџумајската околија изразен во проценти не бил 45-50% туку 88% во корист на македонската национална посебност.

Населението во Неврокопска околија, како што е забележано во неофицијалниот извештај од првиот повоен попис 60-65% се изјаснило како македонско. Меѓутоа, споредени со податоците што ни ги нуди официјалниот извештај на Обласниот училишен инспектор се наметнуваат подруги сознанија и заклучоци. Имено, од вкупниот број ученици во Неврокопската училишна околија 11.553 како Македонци биле евидентирани 7.141 или во проценти изразено 61,81%. Но оваа училишна околија ја карактеризирала и бројноста на учениците Македонци, но со муслиманска вероисповед. Поточно, од вкупниот број ученици, како Македонци муслимани биле евидентирани 3.002 ученика или во проценти 25,98%. И кога ќе се собере бројот на национално определените Македонци, без оглед на нивната религиска припадност, излегува дека во Неврокопска околија не биле 60-65% Македонци, туку 87,79%. Во оваа училишна околија националниот состав на учениците понатаму се движи по овој редослед: 788 или 6,82% од учениците биле евидентирани како Бугари, 434 или 3,75% како Турци, 116 или 1,02% како Цигани, 21 или 0,18% Евреи и 51 односно 0,44% од останатите народности.
Според официјалните податоци што ни ги дава Разлошката училишна околија, националниот состав на учениците е следниот:.

од вкупниот број ученици 6.121, како Македонци биле евидентирани 4.522, како Македонци муслимани, односно мухамедани 1.420 како Цигани 129, како Бугари само 45 и 5 ученици од останатите народности. Според тоа, во Разлошката училишна околија, без оглед на својата верска определба и припадност, 97,09% по својата национална припадност биле Македонци, 2,10% Цигани, 0,73% Бугари и 0,08% од останатите народности. Споредувајќи ги овие податоци за националниот состав на учениците со оние од првиот повоен полис каде се искажува процентуално 45-50% како македонско население, заклучуваме дека вториот податок е сосема неточен и не одговара на вистината.
Што се однесува до националниот состав на населението од Петричка околија и тука постои разлика, но таа не е толку изразена како во случаевите со Горноџумајска, Неврокопска и Разлошка околија.

Според податоците на Обласниот училишен инспектор, националниот состав на учениците во Петричката училишна околија бил следниот: Од вкупниот број 8.400 ученици, како Македонци биле евидентирани 7.775 или 92,50%, како Бугари 625 или 7,49%. Ученици од други народности во оваа околија не биле евидентирани.

Состојбата во Светиврачката училишна околија и соодносот со неофицијалните податоци од првиот повоен попис била идентична со онаа на петричката. Според неофицијалниот извештај од првиот повоен попис како Македонци во Светиврачката околија се изјасниле, 80-85%, а според официјалните податоци на обласниот училишен инспектор, националниот состав на учениците од Светиврачката училишна околија бил следниот: од вкупниот број 9.337 ученици, како Македонци биле евидентирани 8.286 или во проценти 88,74%, како Бугари 906 ученици или 9,70% и како Цигани 145 или 1,55%.

Споредувајќи ги и анализирајќи ги овие три документи од пописот на населените места, неофицијалните податоци од првиот повоен попис и пописот и националниот состав на учениците направен од страна на обласниот училишен инспектор, сам по себе се наметнува заклучокот дека од вкупниот број на населението во 1946 година 206.814 жители, 90,73% по националност биле Македонци, односно 187.680.

Овие наши заклучоци се базираат на автентични историски Документи и истите треба да претставуваат основа врз која демографијата како наука ќе го утврди природниот прираст на населението и неговиот национален состав во Пиринскиот дел на Македонија до денешни дни и еднаш и засекогаш да го симне од дневен ред манипулирањето со бројноста на Македонците од тој дел на Македонија.

Со анализите на овие автентични документи дојдовме до неколку заклучоци. Прво, заради отсуството на посебна графа во пописните листи во која не е одбележана македонската национална припадност, од страна на државните бугарски органи била правена опструкција врз изјаснувањето на македонската национална самобитност, а не притисок во полза на македонско национално изјаснување; второ, доцното објавување на апелот за слободното изјаснување на македонската национална припадност при пописот ја потврдува првата констатација, а што се однесува за притисокот, него го правеле широките македонски народни слоеви, предводени од македонските партиски и отечественофронтовски раководители; третиот заклучок се наметнува од фактот што и покрај опструкцијата и доцното објавување на апелот, сепак, македонскиот народ Јасно и недвосмислено ја изразил својата самостој на македонска национална определеност; четвртиот заклучок е поврзан со децата ученици од македонска национална припадност со муслиманска вероисповед. Тие за првпат биле евидентирани со својата вистинска и единствена македонска национална припадност, и петти заклучок е дека документот со кој на учениците им била забележана македонската национална припадност, покрај другите активности на пиринските Македонци, во прилична мера придонел министерот на просвета на НР Бугарија да побара од Владата на НР Македонија, за потребите во училиштата во Пиринскиот крај, да се испратат учители кои би ги предавале предметите македонски литературен јазик и историја на македонскиот јазик”.

Следете не, не има насекаде

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Generated by Feedzy
mk_MK
mk_MK