септември 22, 2024

Пред почетокот на оваа нова воена година во Украина, Евгениј Пригожин како шеф на озлогласената платеничка единица Вагнер, во последно време делува доста самоуверено во јавност. 61-годишниот Русин ја обиколи воената зона и го критикуваше руското воено раководство. А шефот на Кремљ, Владимир Путин, му дозволува да прави што сака, како всушност на власт да е неговата паравоена формација, во која се активни многу осудени криминалци. Путин во минатото дури тврдеше дека руската држава нема никаква врска со групата Вагнер.

Путин и Пригожин се познаваат долго време. Кога поранешниот офицер на КГБ Путин сè уште работеше во градската администрација на Св. Петербург, тој наводно го посетувал ресторанот на Пригожин. И затоа овој бизнисмен, кој се збогатил во хаотичните 90-ти во Русија и кој, патем, веќе бил во затвор поради грабеж, го добил прекарот „готвачот на Путин“. Пригожин е познат и како шеф на деловната империја Конкорд, меѓу другото и поради неговите „интернет фабрики за тролови“ кои се специјализирани за полето на дезинформации и се осомничени за мешање во претседателските избори во САД.

Токму затоа американските истражители од ФБИ понудија парична награда за сите оние кои ќе помогнат за негово апсење.

Готвачот на претседателот

Пригожин долго време ја избегнуваше јавноста, пред сè кога неговата платеничка единица стана активна во Донбас во 2014 година по падот на украинскиот претседател Виктор Јанукович. Но, колку подолго трае руската инвазија врз Украина, која започна на 24 февруари 2022 година, толку повеќе Пригожин, кого Украина го смета за воен злосторник, настапува се поофанзивно во јавност. Тој ги посети руските затвори за да регрутира таму осудени криминалци за својата војска, со ветување дека ќе бидат помилувани за остатокот од казната по завршувањето на војната. Во исто време, тој прави што сака, без никаква правна основа, а Кремљ не се меша.

И руското правосудство долго време се плаши од влијанието на недопирливиот близок соработник на Владимир Путин. Армијата на Пригожин функционира независно од руската држава, како компанија со своја организација и структури на моќ. „Можам само да кажам дека приватната воена компанија Вагнер денес игра една од најважните улоги во зоната во која се одвива специјалната воена операција“, напиша на Телеграм претприемачот Пригожин. На таа мрежа тој нагласува дека се уште стои зад критиките што ги упати кон началникот на рускиот Генералштаб Валери Герасимов. Го основав Вагнер и управувам со платениците за Русија да биде успешна во војната, тврди Пригожин.

Колку Вагнерци се активни во Украина?

Човекот на Путин за валкани работи речиси секој ден коментира воени настани. Тој го демантира шефот на Службата за комуникации на Белата куќа во Вашингтон, Џон Кирби, кој рече дека Русија добива оружје за војна и од Северна Кореја. И додава дека единицата Вагнер купува значителни количини американско оружје – и покрај американските санкции. Не е секогаш јасно кога Пригожин го исмева Западот со своите објави на Телеграм, а кога е сериозен за тоа што го кажува. Кирби неодамна изјави дека според американските проценки, моментално има околу 50.000 вагнерци активни во Украина, односно дека 40.000 од нив биле во затвор пред да одат на бојното поле.

По правило, платениците се борат на ограничен временски период за оние кои им плаќаат за тоа, а во исто време тие не се интегрирани во редовните воени трупи. Според меѓународното воено право, тие не ја уживаат заштитата што, на пример, ја имаат воените заробеници – за разлика од странските доброволци кои се борат во редовите на украинската армија како регуларни припадници.

„Корумпиран поединец“

Меѓународната новинарска истражувачка мрежа OCCRP, која главно се занимава со истражување на организиран криминал и корупција, неодамна го прогласи Пригожин за личност на годината. По Александар Лукашенко (Белорусија) и Николас Мадуро (Венецуела), членовите на жирито оваа срамна „награда“ за прв пат му ја доделија на лице кое никогаш не извршувало никаква државна или официјална функција.

„Тој не е некој национален лидер, туку корумпиран поединец, кој е во состојба да поттикне терор и масовни прекршувања на човековите права во различни делови на светот“, објасни членката на жирито Луиз Шели, американска експертка за финансиски трансакции на Универзитетот Џорџ Мејсон. Пригожин ја симболизира најмрачната страна на Русија, се вели во извештајот на OCCRP.

„Тој е борец за корупција“, вели истражувачкиот новинар и коосновач на OCCRP, Дру Саливан. „Тој се бори и убива за да воспостави корупција. Вагнер не е ништо повеќе од организирана криминална група чии активности се одобрени од руската влада.“ Пред Украина, Вагнер беше активен во Сирија, а неговата крвава трага се протега до Централноафриканската Република, Судан, Сомалија и Мали.

Убиства, силувања, мачења …

Вагнеровците се обвинуваат за убиства, силувања и мачење луѓе, меѓу другото, во предградијата на Киев за време на војната во Украина, како што може да се прочита во извештајот објавен во декември 2022 година. Во Африка, експертите го поврзуваат Пригожин со рудници за злато и дијаманти. И тие тврдат дека, со оглед на заморот на војската на Путин на бојното поле, Пригожин и неговите платеници во Украина продолжуваат да играат одлучувачка улога.

Активностите на Пригожин и неговите можни амбиции околу доаѓањето на власт во Русија беа анализирани во неколку наврати од страна на Американскиот институт за воени студии (ISW). Овој тинк-тенк неодамна го прогласи интервјуто на Пригожин за државната станица РТ како обид да се зголеми влијанието во руското општество со помош на силни зборови и популистички ставови. Во тоа интервју, меѓу другото, тој предложи на руските милијардери да им се одземе се што имаат за да можат и тие да придонесат во војната.

Што се однесува до стотиците илјади Руси кои избегаа од општата мобилизација на Путин, меѓу нив и многу прозападни луѓе или членови на опозицијата, Пригожин рече дека сите тие требало да бидат ставени во казнен баталјон и испратени во војна: „Немојте воопшто да се сомневате дека сите тие не се би умреле како херои“.

Наследник на Путин?

Експертите сметаат дека зголеменото влијание на Пригожин е знак дека Путин ја губи контролата, бидејќи тој, како врховен командант на руските воени сили, на крајот се смета за одговорен за низата порази во војната против Украина. Дали Пригожин навистина е во игра како можен наследник на Путин и новиот владетел во Москва, како што тврдат некои? Политикологот Абас Гаљамов смета дека „готвачот на претседателот“ има добар рејтинг и тоа во ситуација во која сите во Москва, вклучително и самиот Путин, загубиле на рејтинг.

„Сега тоа изгледа дека режимот се одржува пред сè благодарение на Пригожин“, вели Гаљамов. Благодарение на неговиот медиумски ангажман може да се создаде впечаток дека Пригожин може да го заземе местото на Путин, додава овој експерт.

За околу една година во Русија ќе се одржат претседателски избори. Гаљамов сепак смета дека Пригожин нема никакви шанси. Имено, како што вели, стравот од семоќниот Пригожин ја обединува руската елита. Гаљамов е убеден дека тие ќе знаат да најдат начин да го спречат изборот на Пригожин за претседател. 

Следете не, не има насекаде

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Generated by Feedzy
mk_MK
mk_MK