На Меѓународен Аеродром Скопје запленети мобилни телефони „Ајфон“ во вредност од 1,8 милиони денари.
Вкупно 21 мобилен телефон „Ајфон 15 Про“ со вкупна вредност од еден милион денари е запленет на Меѓународен Аеродром Скопје по детална контрола на стока декларирана за увозно царинење. Непријавените мобилни телефони беа откриени при детална физичка контрола на пратка од Дубаи која била наменета за фирма од Скопје.
Дополнително уште 11 мобилни телефони „Ајфон 15 Про“ во вредност од 799 илјади денари и еден таблет се запленети на патнички промет, откако патник кој патувал од Истанбул истите не ги пријавил на влез во државата. Истиот е селектиран за ренген контрола при што во дел од куферите помеѓу облеката се откриени мобилните телефони и таблетот.
На Меѓународен Аеродром Скопје на стоково царинење, декларирани за увоз, привремено се задржани 883 блутут слушалки и 1.048 задни капаци за мобилни телефони со лого на „Ејпл“ за коишто во моментов е отпочната постапка за повреда на право на интелектуална сопственост. Исто како и во првиот случај, станува збор за пратка од Дубаи, за којашто е поднесена декларација за увозно царинење за обични блутут слушалки и задни капаци за мобилни телефони. Проценетата малопродажна цена за овие производи доколку се продаваат како оригинали е 220 илјади евра.
На Царинска испостава Гевгелија при контрола на стока за увозно царинење се откриени 1.920 полначи за мобилни телефони „Самсунг“ кои не биле опфатени со увозната декларација. Стоката е со потекло од Кина и била наменета за фирма од Скопје. Вкупната проценета вредност на непријавената стока е 374 илјади денари. Полначите се запленети, против увозникот е поведена прекршочна постапка, а се води и постапка за повреда на правото на интелектуална сопственост.
Следете не, не има насекаде