И во учебната 2024-2025 година, Општина Карпош ќе доделува осуммесечни стипендии во висина од 3.000 и 3.500 денари, за најталентираните основци – спортисти кои учат во VIII и IX одделение, во училиштата на нејзина територија. За таа намена Општината објави и Јавен оглас во печатените медиуми каде прецизно се наведени условите, критериумите, како и начинот на пријавување и поднесување на документите потребни за аплицирање на повикот за добивање на стипендија.
Според утврдените правила, апликантите треба да бидат жители на општина Карпош и истите треба да се ученици во VIII или IХ одделение во некое од основните училишта во Карпош. Како што налагаат критериумите, спортистот-апликант треба да има постигнување на индивидуални спортски резултати, потврдени од матичната Национална спортска федерација и да се во согласност со календарот на натпревари на Националните федерации за периодот од 01.09.2023 година до 31.08.2024 година:
национално првенство, oсвоено индивидуално I место (3 бода);
национално првенство, oсвоено индивидуално II место (0,5 бодa);
репрезентативец на Македонија, да има учество најмалку на еден натпревар и да се наведе кога, каде и со кого бил натпреварот (да се достави копија од записник, билтен или друг доказ од натпреварот), (3 бода);
награда за индивидуални постигнување на национално првенство или постигнување на рекорди (3 бода);
Притоа се напоменува дека останатите резултати нема да се земат в предвид.
Рангирањето, односно висината на стипендијата ќе се утврдува на начин според кој, за освоени до 2,50 бода, висината на стипендијата ќе изнесува 3.000 денари, додека пак, за освоени три и повеќе бода, висината на стипендијата ќе изнесува 3.500 денари. При аплицирање, потенцијалните корисници на стипендии треба да приложат своја спортска биографија, потврда од клубот во кој членуваат (фотокопија од спортска легитимација), како и важечки документ (потврда), издадена од матичната национална федерација за постигнатите спортски успеси и резултати.
Документите се доставуваат во затворен плик во Архивата на Општина Карпош (барака 2) или по пошта на ул. „Радика“ бр. 9 – Скопје, со назнака: „За доделување на Стипендии за талентирани спортисти жители на Општина Карпош кои учат во VIII и IX одделение за 2024/25 година“.
Рокот за поднесување на документите е заклучно со 06.09.2024 година. Документите на кандидатите кои не се комплетни и ненавремено доставени нема да бидат разгледувани.
Во таа насока, Комисијата за доделување Стипендии за талентирани спортисти напоменува дека еден кандидат може да оствари право само на една стипендија. Кандидатите кои аплицирале – конкурирале за повеќе различни стипендии по објавени огласи (спорт или образование) од Општина Карпош и ги исполнуваат условите за добивање на повеќе од една стипендија, ќе добијат известување од службите во Општината и врз основа на сопствен избор ќе се определат за една од стипендиите.
Следете не, не има насекаде