септември 20, 2024

ОСМИ СЕПТЕМВРИ 1991 ГОДИНА И

ОСМИ СЕПТЕМВРИ 1944 ГОДИНА

Нека е честит денот на независноста на Република Македонија – 8. септември!

Нека државата успешно се движи напред кон остварување на своите зацртани цели со кои ќе стане посилна и многу подобро место за живеење за Македонците и за сите нејзини граѓани.

Честит празник Македонијо!
***
I. ОСМИ СЕПТЕМВРИ 1991 ГОДИНА
Осми септември како ден на независноста, национален ден и државен празник во Македонија е еден од четирите национални празници на Македонија.

Денес со гордост го паметиме референдумот за прогласување независност пред точно 33 години, на 8 септември 1991 година на кој убедливото мнозинство граѓани предводени од експертската влада на д-р Никола Кљусев, претседателот Киро Глигоров и парламентот во неговиот прв состав во кој најголем број пратеници има ВМРО-ДПМНЕ, во еден турбулентен период, го одбраа патот на независноста.

Тоа е период за кој допрва историчарите ќе се пишуваат од поголема временска дистанца.

Период на многу настани, збиднувања, војни во соседството во тогашната СФР Југославија која веќе беше во внатрешни војни и конфликти и во фаза на распаѓање, и од која Македонија успеа да се осамостои без војна или граѓанска војна во тој период и со релативно мал број на жртви, сметајќи ги за жртви околу 19 загинати војниците на ЈНА од Република Македонија кои загинаа на боиштата во Хрватска и Босна и Херцеговина, а во чија чест и сеќавање на 18 август 2012 се подигна споменик во Скопје.

Бројот на жртвите ќе беше многу поголем, ќе беа можеби стотици или поверојатно илјадници, доколку Министерството за внатрешни работи на Македонија предводено од министерот Јордан Мијалков, на негова иницијатива, настојување и организација, летото 1991 година, во услови кога силната ЈНА е сеуште целосно присутна во Македонија, а МВР нема никакви сериозно оружје и сила, мошне храбро и прилично рискантно за тоа време, не ја запленеше целокупната регрутна документација на ЈНА за Македонија, во една молневито брзо и многу прецизно изведена акција во текот на една ноќ во сите подрачни единици на Министерството за одбрана на Македонија.

Таа ноќ најпрвин МВР по наредба на министерот Јордан Мијалков во период од неколку часа исклучувајќи ги сите негови комуникации и испраќајќи полиција околу неговото живеалиште со цел да неможе да го напушти, на неколку часа го става во еден вид куќен притвор тогашниот актуелен министер за одбрана на Македонија во експертската влада на Н.Кљусев, поранешен генерал на ЈНА д-р Ристо Дамјановски, за кого се ценело дека можеби ќе се спротистави или на некој начин ќе ја попречи акцијата на МВР, пред се заради неговата долгогодишна блискост со ЈНА и припадност како воено лице со највисок чин.

Во таа акција вечерта пред следниот ден да почнат присилно во прва фаза да се регрутираат 14.000 резервисти од страна на ЈНА и да се испраќаат на фронтот во Хрватска, по претходно добиена информација за планот, МВР ја извршува акцијата, и ја оневозможува ЈНА во Македонија да испраќа нови војници од Македонија на фронтот, надвор од оние кои веќе биле затекнати како војници на отслужување на воениот рок. Заплеметата документација без која ЈНА не можеше да го спроведе планот, подоцна со денови и недели тајно кружеше низ Макеоднија скриена во транспортен камион со лажни документи, добро замаскирана со друга стока, бидејќи било очекувано дека моќната ЈНА утредента ќе ги претресе сите можни места каде истата може да се скрие.

Неколку месеци подоцна, токму на денот кога во собранието се усвои декларацијата за независност на Република Макеоднија, на 19 декември 1991 година во мошне сомнителна сообраќајна несреќа во која од другата страна на патот кон возилото во кое се превезува, директно наидува и удира цивилно возило Лада, и го исфрла возилото на Ј.Мијалков во провалија.

Тој ден Јордан Мијалков загина на територијата на Србија под водство на Слободан Милошевиќ, одејќи на средба на министрите за внатрешни работи кај сеуште сојузниот министер за внатрешни работи Грачанин, со цел да продолжат напорите за мирна разделба и формирање своја држава и да не создаде револт кој ќе се рефлектира на Македонија.

Тој ден Јордан Мијалков долго се колебал дали да отпатува, бидејќи веќе се знаело дека министрите од Словенија и Хрватска кои веќе беа во војна нема да дојдат на состанокот и побарал мислење и од претседателот Глигоров, и Премиерот Кљусев. Според подоцнежните кажувања на Кљусев, истиот му рекол самиот да процени и дека и не мора да отпатува ако така процени.

Како и да е, осми септември 1991 година, е клучниот датум кога народот на Македонија, поведен од политичката власт и партии донесе одлука за прогласување независност, после кој немаше можност за враќање назад, туку само одење напред кон целта да се реализира одлуката за независност со најмали можни штети и жртви.
Со право 8 септември денес го славиме како ден на независноста на Македонија.
***
II. ОСМИ СЕПТЕМВРИ 1944 ГОДИНА

Осми септември 1944 година исто така е историски значаен ден за Македонија и Македонците.

Имено, тоа е прв ден без бугарска администрација во Скопје и во најголем дел од Макеоднија, одкако целата Бугарска војска и администарција се повлекле главно меѓу 5. и 7. септември, одкако на 5. септември СССР и објавува војна на нацистичка Бугарија, навлегувајќи уште истиот ден на нејзината територија од нејзиниот северозападен дел, кога Бугарската војска и администрација добива наредба да се повлече во границите на како што ја нарекувале “стара Бугарија” слично на денешните граници.

На 8. септември и неколку дена подоцна Скопје и Македонија немаат власт, па некои луѓе тој период на безвластие го сметаат за ден кога Македонија во втората светска војна барем на кратко станала “независна”, иако на теренот се одвивале жестоки борби помеѓу Германците и партизаните и иако по неколку дена германските единици ја пополниле празнината оставена од повлечената бугарска администарција и војска, се до ослободувањето град по град и ослободувањето на Скопје на 13 ноември 1944 година.

Всушност тоа е период на неостварен политички проект заснован врз идејната замисла на поединци од распуштеното ВМРО на Иван Михајлов вклучувајќи го и него самиот за создавање на Независна Македонија.

Таа идеја Иван Михајлов ја дискутирал уште во пролетта 1940 година, кога се преселил во Будимпешта. Таму тој ја разгледал можноста со германски и со италијански претставници за формирање македонска држава, во времето кога Третиот Рајх, како и фашистичка Италија, се занимавале со новата територијална поделба на југоисточна Европа, што не се реализирало но создало вознемиреност кај бугарскиот цар Борис, кој сакајќи да го пресретне тоа, ги поништил смртните пресуди на Иван Михајлов повикувајки го во Бугарија.

Што се случува во тие денови во Бугарија?
Политичката и воена ситуација во тој период во Бугарија се наоѓа на пресвртница.
Иако земјата е формално сојузник на нацистичка Германија, постоеле значителни притисоци од опозицијата, како и од страна на Советскиот Сојуз, кој бил во процес на воена офанзива кон балканскиот регион.

На 5 септември, Советскиот Сојуз објавува војна на Бугарија. Овој чин доаѓа по долготрајната пасивност на бугарската влада да ги прекине односите со нацистичка Германија. Навлегувањето на советските трупи во Бугарија од североисток предизвикува паника меѓу бугарските власти.

Во текот на овие неколку дена, последната бугарската влада следбеник на политиката на цар Борис, предводена од премиерот Иван Багрјанов (1891-1945), премиер од 1 јуни 1944 до 2 септември 1944 год., се обидувала да се повлече од Втората светска војна преку прогласување неутралност, но тоа не е прифатено од страна на Советскиот Сојуз, кој веќе има испланирана интервенција.

Владата на 31. премиер на Бугарија кој бил премиер само од 2. до 9. септември 1944 година – Константин Муравиев (1893-1965) целосно ориентирана кон САД и Велика Британија, која го заменува Багргјанов на 2 септември, прави обид за брзо повлекување од сојузот со Германија, но доаѓа до политички хаос поради брзото напредување на Советските трупи и растечката мобилизација на опозициските сили во Бугарија, особено на комунистите.

Политичката сцена во Софија во тие денови станува турбулентна. На 2 септември владата на Константин Муравиев е формирана, обидувајќи се да преземе контрола врз ситуацијата со што ќе го спречи советскиот напад. Оваа влада ги прогласува дипломатските односи со Германија за раскинати, а исто така прогласува и неутралност на Бугарија. Сепак, Советскиот Сојуз ја игнорира оваа објава и продолжува со своите воени активности.

Ситуацијата во Софија во тие денови е тензична, со големи политички маневри од страна на различни фракции и во следните денови. Владата на Муравиев објавува мобилизација, со цел да организира отпор против германските сили во земјата.
Истовремено, татковинскиот фронт, коалиција од комунистички и социјалистички групи, почнува да организира протести и отпор против власта. На улиците на Софија има демонстрации и собири, а градот се подготвува за неизбежните воени и политички настани.

На 8 септември 1944 година советските трупи се веќе на бугарската граница, и паниката во Софија расте. Владини структури се подготвуваат за евакуација, а комунистичките групи подготвуваат план за државен удар. Муравиев се обидува да преговара за примирје со Советскиот Сојуз, но напорите се безуспешни. Во Софија се шират гласини за блиска промена на власта, а луѓето се поделени меѓу страв и очекување.

На 9 септември 1944 година, комунистите организираат успешен преврат, и во Софија на власт доаѓа новата влада предводена од Кимон Георгиев, која веднаш склучува примирје со Советскиот Сојуз и ја прекинува соработката со нацистичка Германија. Тензиите на 6, 7 и 8 септември кулминираат во овој преврат, кога целосно се менува политичката насока на Бугарија.

Што се случува во Макеоднија во тој период?

Во тој ист период во Македонија (тогаш дел од царството Бугарија, како окупирана територија) се случуваат значајни настани поврзани со распадот на бугарската администрација и воениот колапс на нацистичките сојузници во регионот. Овој период е многу важен за ослободувањето на Македонија од окупаторските сили и за политичките трансформации што ќе следат.

Партизанските сили, предводени од Народноослободителната војска на Македонија, се во постојана борба против окупаторот.

На 5 септември 1944 година со објавата на војна на Бугарија од страна на СССР, кој веќе е пред нејзините граници, овој настан предизвикува брз распад на бугарската администрација и воени сили во Македонија. Бугарските трупи, кои се одговорни за безбедноста и репресијата во регионот, се во хаос.

Оваа состојба ја користат македонските партизани, кои започнуваат интензивни акции за ослободување на градовите и селата, а Бугарите масовно и во паника ја напуштаат Макеоднија.

Сонцето на 8. септември 1944 година по повеќе години за прв пат изгрева без бугарска окупаторска власт во Македонија, не сметајќи ги некои мали остатоци од некои нивни припадници кои меѓу последните во паника се трудат да ја напуштат Макеоднија.

На 9 септември веќе новата власт на Бугарија предводена од Кимон Георгиев, кој повторно се јавува како многу значајна фигура после превратот и превземањето на власта во Бугарија на 19 мај 1934 година, кога со закон го забранува и со сила го уништува ВМРО во Бугарија, сега повикува на целосно повлекување на секакви нивни сили кои сеуште останале вон нивните граници.

По повлекувањето на бугарските трупи од Македонија во септември 1944 година, настанува значаен политички и воен неколкудневен веројатно 3 до 5 дена вакуум во Скопје, како и во други делови на Македонија.

Германците, неколку дена по повлекувањето на Бугарите, го преземаат контролниот вакуум и се обидуваат да го зацврстат својот воен став во Македонија како дел од нивната поширока одбранбена линија на Балканот.

Тие ги воспоставуваат своите позиции во градот Скопје и околината за да го спречат напредувањето на партизанските сили и на Советската армија, која исто така се приближува од исток.
Германците ја зајакнуваат одбраната на Скопје како стратешка точка за контролирање на комуникациите и патиштата во Јужна Европа. Сепак, поради брзото напредување на партизанските единици, ситуацијата во Македонија станува сè понестабилна за германските трупи.

Задоцнет и изнуден обид на Германците да создадат независна држава Македонија со про германска властѓ Август-септември 1944 година е и период кога Ванчо Михајлов се наоѓа во Загреб и е советник на Анте Павелиќ кој е сојузник на нацистичка Германија и ја води т.н. НДХ.

Во август 1944 година Ванчо Михајлов добил барање од Германците да отпатува за Скопје на разговори со германските власти.

Тој, според кажувањата на негови блиски соработници, прифатил да отпатува во Скопје, но веројатно следејќи ја ситуацијата поставил еден услов: да му гарантираат безбедност и транспорт назад доколку не го прифати тоа што ќе му го понудат, на што германската страна се согласила, по што бил пренесен од Загреб во Виена, а од таму со воен авион до Софија, од каде патувал во Скопје.

Во периодот на владеењето, односно окупацијата на Бугарија во Македонија како сојузник на нацистичка Германија и Бугарија, во Макеоднија имало елита блиска до бугарските власти, дел од нив остатоци од припадниците на распуштената ВМРО на Ванчо Михајлов.

Некои од нив иднината на Макеоднија ја гледале во склоп на бугарската држава, а некои од нив сојузништвото со Германија, наместо со сојузничките сили, го гледале како начин до доаѓање до независна македонска држава, меѓу кои е и Кирил Дрангов, долгогодишен близок соработник и следбеник на Ванчо Михајлов, кој од средбата во Загреб во април 1942 година со Ванчо Михајлов бил во влошени односи со него.

Кирил Дрангов во Скопје бил редовно следен од бугарските власти токму заради недоверба и страв од можно организирање, директно поврзување со Германците заради создавање независна држава Макеоднија подржана од нацистичка Германија.
Тој веројатно не бил уапсен најмногу заради славата ви Бугарија на неговиот татко потполковникот Борис Дрангов, но бил внимателно и темелно следен.

Паралелно во таборот на левицата, меѓу партизаните конечно со манифестот на АСНОМ во 1944 година на крајот дошло до некаков компромис меѓу „максималистите“ и „минималистите“ во однос на идната слободна Македонија, време кога се разговарало и се пропагирало обединување на македонскиот народ, но на крајот била донесена одлука Вардарска Македонија да стане дел од новата комунистичка Југославија.

Застапниците на т.н. „максималистичка“ линија биле за создавање на независна обединета македонска држава која би имала врски со Југославија, но не и нужно вклучување во југословенска федерација.

Меѓу поборниците на оваа опција биле и Методија Андонов-Ченто, како и истакнати личности од поранешната ВМРО (Обединета) како Павел Шатев, Панко Брашнаров и други. Некои од нив го гледале приклучувањето кон Југославија како форма на српска доминација над Македонија и претпочитале членство на обединета Македонија во една Балканска федерација, или пак целосна независност.

Поборниците на „минималистичката“ линија биле и за создавање на македонска држава, но во рамките на југословенската федерација и тие секако го поддржувале постоењето на посебен македонски идентитет и биле за создавање посебна држава во која македонскиот народ ќе има своја татковина.

Најголемата разлика меѓу двете линии била дали Македонија треба да се приклучи на Југославија или да постои како независна земја. Дури и за време на првото заседание на АСНОМ се увиделе разликите помеѓу нив.

Германија подолго пред тоа, една година порано, уште кога е значително посилна, во 1943 година и претходно според мемоарите (поглавје 35) на генералот Валтер Шеленберг (1910–1952), шефот на надворешното германско разузнавање, размислувала за создавање независна македонска држава, но не го преземала, бидејќи немало позитивен одговор од самиот врв.

Германскиот канцелар Адолф Хитлер се согласил да го разгледа тоа дури во 1943 година, а позитивниот одговор дошол дури летото 1944 година.

Валтер Шеленберг имал и една средба со Ванчо Михајлов.

Извештаите на Германците од Скопје дека “Македонците до 1941 година се стремеле да се ослободат од Србите, а сега пак се борат да се ослободат од Бугарите” воделе кон идејата дека Бугарите во Македонија со своето лошо владеење се повеќе товар, одколку од корист за Германија, но сепак се до август 1944 година од страна на Хитлер не била донесена одлука за прогласување независна држава Македонија.

Во една таква атмосфера, во обидот во последен момент да создадат тампон-држава против Црвената армија што доаѓала, со одлука од 29 август, Германците се обиделе да воспостават „независна“ македонска држава, предводена од Иван Михаилов, а потоа истото му било понудено и на д-р Христо Татарчев како угледен граѓанин и прв претседател на ВМРО, кој не го прифатил понуденото.

Бугарскиот министер за внатрешни работи Александар Станишев (роден во Кукуш 1886-стрелан на 1. февруари 1945 во Софија) според некои извори бил задолжен да контактира со Михајлов.

Според поранешни соработници Станишев бил изненаден кога во една таква атмосфера на паника и хаос во Бугарија, тој се сретнал со Иван Михајлов и дури го прашал “што бараш ти тука во ова време” кога по пристигнувањето на Михајлов од Виена во Софија со германски воен авион кратко се сретнале во Софија.
Според истражувањата презентирани во монографијата за Кирил Дрангов од д-р Никола Жежов, Ванчо Михајлов пристигнал во Скопје на 3 септември 1944 година и остварил средба со германската воена команда, и со неколку негови приврзаници.
Според тогашни соработници на В.Михајлов, тој се сретнал и со адвокатот Јордан Чкатров, негов приврзаник во времето кога ВМРО е сеуште активна, но и со неколку други свои поранешни соработници.

Но, идејата за прогласување независна држава Макеоднија со про германска власт била веќе актуализирана во Македонија уште пред Германците да го побараат тоа од Иван Михајлов.

Уште во мај 1944 година биле посетени селата Љубанци и Црешево при што на собирот биле присутни и германските претставници Диригели Штајнфел, а од припадниците на ВМРО дошле Кирил Дрангов, Благој Панчев и Димитар Ачков. Ова е ретка ситуација каде К. Дрангов застанал да агитира за идејата за независна Македонија со германски воени или политички претставници, но тоа е веќе во време кога германската власт соочена со проблемите на теренот – ширум Европа креира планови за создавање македонска држава со цел да ги искористи сите поранешни припадници на ВМРО, меѓу кои и К. Дрангов.

Сепак, веќе на августовскиот состанок истата 1944 година со дел од раководството на поранешната ВМРО, како и дејци и војводи на Организацијата, а на тема прогласување Независна Македонска Држава, а подоцна и на средба со обласниот директор на бугарската полиција која знаела дека за неколку дена Бугарија ќе се повлече, Дрангов и дел од другите, следејќи ја состојбата на теренот во Европа и напредокот на сојузничките сили, отцениле дека веќе не е рационална идејата за прогласување на Независна Македонска Држава.

Сосема логично било во ситуација кога и Германците и Бугарите не можат да го издржат налетот на партизаните и сојузничките војски насекаде, да се прогласува нешто што нема таква воена сила да опстане, а само ќе донесе нови крвопролевања.
Всушност предлозите на бугарскиот претставник се веќе во време кога Бугарија и тој лично знае дека ќе капитулира за неколку дена. Дрангов не ја подржал ниту идејата за доаѓање на Ванчо Михајлов за таа цел, кого Германците сепак го донеле на кратко во Скопје на 3. септември 1944 година и кој исто така констатирал дека е предоцна за таа идеја, или како што во една статија беше сликовито кажано дека наводно Михајлов рекол: “веќе е 12 и 5”.

Интересно е што кога во август 1944 госина веројатно бугарскиот претставник Петар Думев увидел дека не му поминува идејата, изјавил:

Ние не сме никаков форум да прогласуваме автономна Македонија. Тоа право го има нејзиниот водач-Ванчо Михајлов!

На ваквата изјава реагирал Јордан Чкатров кој пред присутните истакнал:
Ванчо Михајлов не може да ја преставува Македонија!,на што добил и отворена подршка и од Кирил Дрангов (Јован Павловски, Судењата како последен пораз…цит.118/119).

Михајлов заедно со неколкуте соработници, биле евакуирани на 7 септември од СС припадниците од Скопје во Хрватска. Откако на 6 септември Михајлов категорично одбил да ја прогласи независноста на Македонија пред пратеникот на Фирерот д-р Гарбо, на 7 септември.

Потоа се разгледал нов предлог да се создаде македонска влада. Овој пат предлогот бил доставен до д-р Христо Татарчев, кој во текот на летото на 1944 година заедно со неговата сопруга се наоѓал во родниот Ресен. Во проектот било наведено дека Татарчев е “еден од основачите на македонското ослободително движење, на возраст од околу 70 години, ужива голем авторитет меѓу населението, образован во Германија и со прогермански убедувања”. Но, и овој обид останал неуспешен.

Според информации од поранешни блиски соработници на Иван Михајлов тој при престојот во Скопје отценил дека советските трупи се веќе на границата на Бугарија и прашање на денови, недели или неколку месеци е кога сојузниците заедно со локалните партизански антифашистички сили ќе го освојат Балканот, па формирањето на независна држава Македонија би било не само краткотрајно, туку и ново бескорисно пролевање крв на македонците.

Во реалноста, тој сигурно бил свесен дека неговите обиди за воспоставување на независна држава биле осудени на неуспех поради доминацијата на југословенските партизански сили и Советската армија, кои се приближувале кон регионот.
Исто така било јасно дека новата “држава” немаше да добие воена (трупи или оружје) поддршка од Германија, бидејќи на Германците им недостигале војници и оружје.

Телеграмите од тоа време покажуваат дека уредно повлекување на бугарско-германската војска требало да му претходи на формирањето на таква држава.
Така на осми септември 1944 година Скопје и Македонија се прв ден без бугарска и без никаква власт.

Дали датумот за одржување на референдумот токму на осми септември 1991 година е случајно избран, или има некаква намерна поврзаност до 8 септември 1944 година, засега не е познато.

Следете не, не има насекаде

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Generated by Feedzy
mk_MK
mk_MK