Во селото Теарце, тетовско, попладнево беше пронајдена мртва 36-годишна мајка заедно со нејзината четиригодишна ќерка во нивната семејна куќа. Телата ги пронашла мајката на починатата жена, која веднаш повикала доктор за помош, а случајот бил пријавен во полиција од страна на докторот.
„Веднаш беше постапено по пријавата. СВР Тетово заедно со јавен обвинител извршија увид на местото на настанот. По наредба на обвинителот, телата на починатите беа испратени на обдукција,“ информираа од СВР Тетово.
Сопругот на починатата жена, 50-годишниот Р.Ш., и нивниот деветгодишен син беа пренесени во Клиничката болница во Тетово за укажување на лекарска помош. Сопругот, по лекувањето, беше задржан во полициска станица за информативен разговор и понатамошна постапка. Моментално, деветгодишното дете е пренесено на клиниката во Скопје за понатамошно лекување.
Според првичните информации, на телата на мајката и ќерката не биле пронајдени траги на насилство, а телата биле пронајдени легнати во различни кревети. Иако точната причина за смртта сè уште не е потврдена, во тетовската јавност се шпекулира дека може да се работи за труење од печурки.
Понатамошната истрага и резултатите од обдукцијата ќе треба да дадат повеќе информации за околностите под кои настанала трагичната смрт на мајката и детето.
Следете не, не има насекаде