Полициските служби во Скопје на 14 октомври извршија претрес во домот и подрумските простории на 48-годишен скопјанец, при што открија поголемо количество нелегално оружје и муниција. Претресот бил извршен на улица „Козјак“, каде што полицијата пронашла три пиштоли, рамки за пиштол, шаржер и околу 1000 куршуми од различен калибар. Дополнително, осомничениот поседувал и две рачни шок бомби и една флеш бомба, кои се забранети за поседување од страна на граѓаните.
Освен нелегалното оружје, во домот бил пронајден и хероин со нето маса од 7,75 грама, заедно со дигитална вага со остатоци од дрогата. Овие откритија ја прошируваат истрагата и на незаконско производство и трговија со наркотични дроги.
Врз основа на обезбедените докази, Основното јавно обвинителство Скопје донесе Наредба за спроведување на истражна постапка против осомничениот за две кривични дела: Неовластено изработување, држење, посредување и тргување со оружје и експлозивни материи по член 396 став 5 во врска со став 3 од Кривичниот законик, како и за Неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори по член 215 став 1 од истиот закон.
Јавниот обвинител поднесе предлог до Основниот кривичен суд Скопје за определување мерка притвор за осомничениот, поради постоење опасност од бегство, можност за влијание врз текот на постапката и сведоците, како и оправдан страв дека осомничениот би можел повторно да го изврши делото.
Следете не, не има насекаде