Ако по 7 години градоначалнички мандат ме прашате кој од реализираните проекти би го издвоил, недвосмислено би Ви одговорил дека тоа беше еколошката “револуција”, која Дебрца ја водеше во 2018 година против сулудата владина идеја за изградба на регионална депонија во срцето на Дебрца,во Годивското Поле.
Таа “револуција” заврши со победа,затоа што сите бевме сплотени, и координативното тело,и локалната самоуправа и најважно народот.
И денес,на тоа место,на кое некој сакаше да гради регионален ѓубралник се возвишува возобновената црква “Св.Вартоломеј” , осветена во 2020 година.
Како локална самоуправа деновиве исполнуваме едно дадено ветување,еден своевиден аманет, односно започнавме со уредување на поширокиот простор околу црквата, со поставување на бекатон , на површина од 950 м2.
За оваа активност од Буџетот на општината ќе се издвојат околу 1.300.000 денари.
Тоа е еден наш мал придонес кон ова свето место.
Во оваа прилика, со должен пиетет сакам да се потсетиме и на две личности, годивци, кои за жал повеќе не се со нас.
Др.Бошко Ставрески и Ненад Петрески. И двајцата беа дел од координативното тело,Др.Бошко беше ктиторот на црквата, а Ненад секогаш несебично посветен на Годивје.И двајцата имаа визија и идеи за развојот и на Годивје и на Дебрца.
Нивното прерано заминување, освен за семејствата е голема загуба и за Годивје и за општина Дебрца.
Засекогаш останува споменот на нив и нивните дела.
А,возобновената црква “Св.Вартоломеј” останува да биде вечен храм за сегашните и идните генерации,но и паметник ,кој ќе сведочи за едно време кога народот на Дебрца востанал и ја обезбедил еколошката иднина, не само на Дебрца,туку пошироко и на Охридскиот регион и Охридското Езеро,споменикот на природата.
Следете не, не има насекаде