Рускиот претседател Владимир Путин му рекол на турскиот колега Реџеп Таип Ердоган дека Москва е отворена за дијалог со Украина, но дека Киев ќе мора да прифати губење на територии за кои Русија тврди дека се нејзини, објави Кремљ.
„Владимир Путин ја потврди отвореноста на Русија за сериозен дијалог, под услов властите во Киев да ги исполнат добро познатите и постојано изнесуваните барања и да ја земат предвид новата реалност во врска со териториите“, се вели во соопштението на Кремљ.
Според извештаите, Путин ја потенцирал и деструктивната улога на Западот, кој го снабдува Киев со оружје и му дава информации и насоки.
Лидерите разговараа и за голем број енергетски прашања, вклучувајќи го и создавањето на гасен центар во Турција и изградбата на нуклеарната централа Акују, соопшти Кремљ. Исто така, се додава дека, Путин уште еднаш му повторил на Ердоган дека треба да се укинат сите бариери за рускиот извоз на храна и ѓубрива. Ердоган и Путин разговараа неколку пати од почетокот на војната во Украина.
Турција делуваше како посредник заедно со Обединетите нации при склучувањето на договор со кој се овозможи извоз на жито од украинските пристаништа.
Следете не, не има насекаде