При посетата на Северна Ирска, принцот Вилијам имаше можност накратко да се врати на старото хоби од кое се откажа пред неколку години.

Принцот од Велс го посети Virtual Production Studio на кампусот на Универзитетот Алстер во Белфаст, каде седна на мотор и се возеше низ виртуелен пејзаж кој наликува на пустината Аризона.

„Било каков изговор за да се качите на мотор“, рече идниот крал, според People.

„Изгледа дека некој навистина треба да го вози ова“, додаде тој, прашувајќи дали моторот може да се премести. Кога се симна од мотоциклот Вилијам со насмевка додаде: „Го сакам тој звук на моторот“, пред да го опише виртуелното искуство како „неверојатно реално“.

Принцот Вилијам во младоста сакал да вози мотори, но во 2015 година неговата сопруга Кејт Мидлтон признала дека ова негово хоби секогаш ја загрижувало. „Сè уште вози“, рече тогаш Кејт. „Секогаш ме плаши кога оди на возење. Многу сум исплашена. Се надевам дека ќе можам да го задржам Џорџ подалеку од тоа“, додала таа.

Три години подоцна Вилијам откри дека се откажал од хобито. „Јас сум татко на три деца. Морам да ги смирам страстите“, рече тој.