Amazon лансираше нова онлајн продавница наречена Amazon Haul, дизајнирана да нуди производи со подостапни цени за американските потрошувачи.

Купувањето е можно преку апликацијата и мобилниот сајт на Amazon, а клиентите можат да избираат од илјадници производи по цени претежно под 20 долари.

Amazon Haul нуди производи со цени кои почнуваат од само еден долар, како што се футроли за телефони, модни додатоци и разни украси за домот.

„Овие производи доаѓаат со Amazon A-to-Z гаранција, што значи дека се заштитени и безбедни, а враќањето е достапно на повеќе од 8.000 локации низ САД“, се вели во соопштението на Amazon.

Бесплатна испорака е достапна за нарачки од 25 долари или повеќе, додека таксата од 3,99 долари се применува за помали нарачки. Времето за испорака е приближно една до две недели, а повеќето производи се испорачуваат од магацини во Кина, што му овозможува на Amazon да ги намали трошоците.

Amazon Haul моментално е достапен само за корисниците во Соединетите Американски Држави, а Amazon сè уште не објавил планови за проширување на услугата на глобално ниво.

Бидејќи продавницата сè уште е во бета тестирање, во зависност од успехот и повратните информации од клиентите во САД, Amazon може да размисли за проширување на други пазари во иднина.

Овој потег доаѓа во време на порастот на популарноста на другите онлајн продавници како што се Shein и Temu, кои нудат различни производи по поволни цени. Сепак, на поволните цени на Amazon Haul би можело да влијае најавата на американската влада во септември за заострување на условите за увоз на евтини производи од Кина, наведува „The Guardian“.

Целта е да се намали зависноста на Америка од Пекинг, но последицата може да биде повисоки цени за американските потрошувачи на сајтови како Shein, Temu и сега Amazon Haul. Дополнително, новоизбраниот претседател Доналд Трамп предложи царина од 60% за стоки од Кина, што дополнително може да влијае на цените на производите достапни преку овие онлајн продавници.