Апелациониот суд ја одобри одлуката во случајот „Титаник 3“, каде Исмет Гури и Ејуп Алими, поранешни функционери на ДУИ, беа обвинети за измама и уништување на изборни материјали од локалните избори во 2013 година.
Според информациите од Алсат, Гури како првообвинет е осуден на три години затвор, што е шест месеци помалку од казната изречена од Кривичниот суд. Во однос на Ејуп Алими, Апелација ја намали неговата казна на две години условен затвор, под услов да не стори ново кривично дело во наредните пет години. Претходно, Кривичниот суд го осуди Алими на три и пол години затвор.
Случајот „Титаник 3“ трае пред судовите од 2018 година. Во првото судење, Кривичниот суд Скопје изрече три и пол години затвор за двајцата обвинети. Меѓутоа, Апелациониот суд ја поништи таа одлука и го врати случајот на повторно разгледување. При второто судење, Кривичниот суд ја повтори истата казна за обвинетите, кои повторно поднесоа жалба. Со сегашната одлука, Апелација делумно ги прифати жалбите, што резултираше со изменети казни.
Обвинението беше покренато од поранешното Специјално јавно обвинителство, но подоцна предметот беше преземен од Јавното обвинителство. Судскиот процес беше обележан со пропусти, неправилности и обвинувања за политички притисоци, а истиот се одвиваше со рекорден број сведоци предложени и од одбраната и од обвинителството.
4NEWS.mk
Следете не, не има насекаде