Советот на Град Скопје денеска во 18:00 часот ќе одржи итна вонредна седница за состојбата со јавниот градски превоз, кој е сериозно нарушен поради недостиг на гориво. Претседателот на Советот, Трајко Славески, соопшти дека на седницата ќе се расправа за усвојување на заклучоци со кои ќе се побара итно нормализирање на превозот и подобрување на хигиената во градот.
„Нефункционирањето на јавните претпријатија во надлежност на Град Скопје достигна кулминација. Советот е подготвен низ конструктивна расправа да усвои заклучоци и да побара од надлежните, пред сѐ од градоначалникот Данела Арсовска и директорите, итно да реагираат,“ изјави Славески преку социјалните мрежи.
Од синдикатите на ЈСП „Скопје“ информираат дека моментално сообраќаат само 25 автобуси, додека останатите се паркирани во автобазите поради недостаток на гориво. Причината е неисплатен долг кон добавувачот „Пуцко Петрол“, што ја влоши кризата со јавниот превоз.
Град Скопје одговорноста за кризата ја префрли на ВМРО-ДПМНЕ, нарекувајќи ја ситуацијата „смислено сценарио за пропаѓање на претпријатието“.
Поради настанатата состојба, лидерот на СДСМ, Венко Филипче, изјави дека побарал од советниците на СДСМ да иницираат итна седница и дека на истата ќе предложат конкретни мерки за надминување на кризата. „Очекуваме поддршка од сите советници за да се излезе во пресрет на граѓаните,“ нагласи Филипче.
The post Скопје без автобуси: Свикана итна седница за решавање на кризата со јавниот превоз appeared first on 24info.mk.
Следете не, не има насекаде